X
 10.10.2025 Живот

„Фејсбук“ повторно го менува алгоритамот - еве каква содржина ќе прикажува во иднина

Од „Фејсбук“ најавија дека воведуваат нов алгоритам кој ќе прикажува повеќе видеа што навистина ќе ги интересираат корисниците. На тој начин ќе имаат корист и корисниците, кои ќе гледаат поквалитетна содржина, и „Мета“, односно „Фејсбук“, бидејќи што подолго луѓето остануваат на платформата, толку повеќе реклами ќе им се прикажуваат.

Со новите измени платформата ќе им даде приоритет на најновите видеа: корисниците ќе гледаат 50 отсто повеќе „Рилс“ објавени истиот ден кога ја користат апликацијата.

Освен тоа, компанијата најавува дека сака да се „врати на корените“ и да ја зајакне поврзаноста меѓу пријателите и семејството. Слична најавa „Фејсбук“ имаше и пред неколку години, но со текот на времето повторно го пренасочи фокусот кон вирална содржина.

Новите промени се резултат на внатрешно тестирање, кое покажало дека корисниците сакаат да гледаат што понови видеа. Кога им се прикажува свеж и релевантен материјал, тие почесто го отвораат „Фејсбук“ и поминуваат повеќе време на него.

„Фејсбук“ посочува дека видеото е најкористениот формат на платформата. Времето што корисниците го минуваат гледајќи видеа расте за околу 20 отсто годишно.

Интересно е што новиот алгоритам нема да прави разлика меѓу видеа создадени со вештачка интелигенција и реални видеа снимени од луѓе.

Ако поминувате многу време гледајќи ВИ-видеа, ќе ви се прикажуваат повеќе такви, ако претпочитате видеа од пријатели, алгоритамот ќе ви нуди такви.

Како што објаснува Џагџит Чавла од „Фејсбук“, клучно е каков сигнал му испраќате на алгоритамот. Ако лајкнувате, коментирате или споделувате одреден тип видеа, ќе ви се појавуваат повеќе такви.

Ако, пак, некоја објава ја означите со „не ме интересира“, алгоритамот ќе ви прикажува помалку такви.

„Фејсбук“ воведува уште една новина - интелигентни препораки при пребарување. Вештачката интелигенција ќе предлага поими за пребарување врз основа на интересите што корисниците веќе ги покажале за одредени теми или видови содржина.

Извор: Zimo.dnevnik.hr 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот