X
 10.11.2025 Живот

Македонците работат помалку од Црногорците - нова мапа го покажува просечното работно време низ светот

На оваа визуализација се рангирани повеќе од 150 земји според просечниот број на сработени часови во една недела во 2025 година. Додека глобалниот просек е околу 38,7 часа неделно, јазот меѓу нациите што работат најмногу и најмалку е речиси 30 часа.

Бутан е на врвот

Годинава Бутанците се истакнуваат како највредни со просечни 54,5 сработени часови неделно. Многу економии во Јужна и Југоисточна Азија исто така се на врвот на листата, а меѓу нив се и Обединетите Арапски Емирати со 48,4 часа, Пакистан со 47,5 и Индија со просек од 45,8 работни часа неделно.

Продолжените работни недели во овие региони често се одраз на индустриите во кои се бара интензивна работа, на помалкуте работни места со скратено работно време и на помалите мрежи на социјално осигурување - фактори што предизвикуваат повеќе работни часови и за вработените и за самовработените работници.


Фото: Visual Capitalist

Во Европа се работи најмалку

На другата страна на спектарот, Западна и Северна Европа ги имаат едни од најкратките работни недели. Холандија со просечни 26,8 работни часа неделно, Норвешка со 27,1 и Данска со 28,8 - сите под 30 часа неделно. Овие земји имаат бенефит од силната продуктивност, големата автоматизација и дарежливите заштити на работниците. Пократкото работно време често се поврзува со повисоки животни стандарди и подобар баланс меѓу работата и животот.

Каде се Македонија и земјите од регионот?

Интересно е позиционирањето на земјите од Балканот на листата, особено затоа што просечниот број на работни часови на неделно ниво од сите земји во регионот е најголем, ни помалку ни повеќе, во Црна Гора. Таму луѓето во просек работат по 44,2 часа неделно.

Следна е Албанија со просек од 41,4 работни часа неделно, а потоа следува Босна и Херцеговина со 40,8 часа. Србите просечно работат по 38,4 часа неделно, а Бугарите по 38,2. Малку повредни од нас се Грците, чиј просек е 37,8 часа неделно, а по нив сме ние Македонците со просек од 37,5 сработени часа неделно.

Зад нас од регионот се само Хрватите со 34,3 работни часа неделно и Словенците со 33,7.

Извор: Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот