X
 18.03.2026 Живот

„Форбс“ ја објави листата со најплатените актери за 2025 година

Американскиот актер и комичар Адам Сендлер е прогласен за најплатен актер во Холивуд за 2025 година, според најновата листа на списанието „Форбс“. Листата опфаќа 20 најплатени актери, чии вкупни приходи минатата година достигнале 590 милиони долари.

Сендлер во изминатата година заработи околу 48 милиони долари благодарение на нови филмски проекти и соработки со големи продукциски куќи, вклучувајќи филмови на „Нетфликс“. Во текот на 2025 година Сендлер го продуцираше и глумеше во филмот „Среќниот Гилмор 2“, долгоочекувано продолжение на популарната спортска комедија од 1996 година. Исто така, настапи и во филмот „Џеј Кели“ заедно со Џорџ Клуни. Неговата улога на Рон Сукеник, лојален менаџер на филмска ѕвезда, му донесе и номинација за најдобар актер во споредна улога на наградите „Златен глобус“.

Иако е прв на листата за 2025 година, Сендлер заработил значително помалку од лидерот од претходната година. Во 2024 година актерот Двејн Џонсон беше најплатен со заработка од 88 милиони долари.

На второто место на листата се наоѓа Том Круз со 46 милиони долари благодарение на филмот „Невозможна мисија: Последна пресметка“, осмо продолжение од популарната франшиза.

На третото место се најде Марк Валберг со 44 милиони долари, додека четврта е Скарлет Јохансон со 43 милиони. Меѓу првите пет е и Бред Пит со заработка од 41 милион долари.

Најголемиот дел од приходите Валберг ги остварил преку проекти како „Семејниот план“ на „Епл“, потоа филмот „Играј валкано“ и „Ризик од лет“, во режија на Мел Гибсон. Јохансон глумеше во филмовите „Светот на диносаурусите: Преродба“ и „Феникиската шема“ на режисерот Вес Андерсон, а минатата година дебитираше и како режисерка со филмот „Елеонор Велика“.

Бред Пит, пак, ја имаше главната улога во филмот „Ф1“, во продукција на „Епл“, кој доби номинација за најдобар филм на „Оскарите“ за 2026 година.

Мили Боби Браун е најмладата личност што се најде на листата на „Форбс“

Меѓу 10. најплатени актери се најдоа и Дензел Вашингтон (38 милиони долари), Џек Блек (28 милиони), Џејсон Мамоа (28 милиони), Даниел Крег (27 милиони) и Мили Боби Браун (26 милиони долари).

Вашингтон минатата година глумеше во филмот „Од највисоко до најниско“ на режисерот Спајк Ли. Џек Блек и Џејсон Мамоа заедно се појавија во филмот „Филм за Мајнкрафт“, додека Блек глумеше и во новата верзија на „Анаконда“ заедно со Пол Рад. Крег повторно го толкуваше детективот Беноа Блан во филмот „Разбуди се, мртов човеку: Мистерија на нож во грб“.

Актерката Мили Боби Браун стана најмладата личност на листата на „Форбс“. Оваа 22-годишна ѕвезда е позната по серијата „Почудни нешта“.

Процените за заработката што ги објавува „Форбс“ се базираат на податоци од „Бокс офи моџо“ и IMDb, како и интервјуа со луѓе од индустријата. Наведените износи ја претставуваат заработката по одбивање на надоместоците за агенти, менаџери и адвокати.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот