Американскиот психолог Џејмс, еден од творците на психологијата, во своето ремек-дело од 1890 година „Принципите на психологијата“ го вовел поимот
поток на свеста. Тој тврдел дека менталниот живот е континуиран, флуиден и унифициран, а не низа од одвоени мисли. Еве што вели Џејмс: „Свеста не се состои од исечени парчиња. Зборови како ‘синџир’ или ‘воз’ не ја опишуваат соодветно. Таа не е ништо споено; таа тече. ‘Река’ или ’поток’ се метафорите со кои таа најприродно се опишува. Кога ќе зборуваме за неа во понатамошниот текст, да ја наречеме поток на мислата, на ‘свеста’ или на субјективниот живот“ (William James, 1890).
Во овој цитат Џејмс посочил два аспекта на нашето свесно искуство. Прво, дека свеста е континуирана за време на будност, и второ дека нашето свесно искуство е динамично и често се менува во зависност од разните надворешни извори на информации, но исто така и од внатрешно генерираните мисли кои не се поврзани со задачата, феномен што обично се нарекува лутање на умот ЛУ (mind wandering, MW).
Но, има состојби за кои е карактеристично губење на контролата врз однесувањето и исчезнување на свеста. Една таква состојба е спиењето. Отсуството на одговор во време на спиење Стериаде го објаснува со прекинување на врската помеѓу кортексот и надворешниот свет (Steriade, 1994). Овој наод е посебно интригантен во врска со некои наоди за време на парадоксалниот сон. Под парадоксален сон се подразбира ситуација кога мозокот е високо активен, како да е во будна состојба, додека телото е длабоко заспано и парализирано. Во таа фаза се случуваат живописни соништа, кои обично се паметат, брзи движења на очите и привремена парализа на главните мускули, брзи мозочни бранови.
И покрај драстичното намалување на самосвеста предизвикано од спиењето, човечкиот сон овозможува одредена когнитивна обработка на надворешни стимули. Стефани Маза опишала случај на пациент кој - снимен со интрацеребрални електроди - бил во можност, за време на парадоксален сон, да репродуцира моторно однесување претходно извршено во будна состојба и свесно да ја означи својата перцепција на ноцицептивните стимули. (Патем, под ноцицептивна стимулација се подразбира процес при кој специјализирани нервни завршетоци регистрираат и реагираат на интензивни стимули (претерана топлина, претеран студ, интензивна механичка сила). Своето набљудување го објавила во труд, насловен многу предизвикувачки: Заспан, но свесен (2014). Ова набљудување отворило пат за понатамошни студии за, засега релативно непозната способност на мозокот, во состојба на спиење да комуницира со околината.
По објавувањето на овој труд, се појавиле десетици трудови на иста тема. Ќе го споменам, накратко, главниот наод од истражувањата на Вејли (Whalley, 2014). Додека Маза изнесува опсервации врз случаен пациент, Вејли изнесува интересни резултати од експериментално истражување. Иако не можеме да комуницираме со околината додека спиеме, пишува таа, нашите мозоци продолжуваат да ги обработуваат дојдовните стимули. Во истражувањето на Вејли испитаниците требало да ги класифицираат изговорените зборови во категории (на пример, животни или предмети) за време на преминот во сон. Таа смета дека моделите на невронска активност поврзани со оваа задача - кои претставуваа избор и подготовка за моторен одговор - продолжиле кога заспаните поединци биле изложени на зборови. Така, целно насочената обработка на сензорните стимули може да продолжи до точка на подготовка на одговор за време на спиењето.
Може да се рече дека има студии според кои лицето кое спие ја задржува можноста да согледува и да обработува надворешни информации.
Но во новите истражувања полето на истражувања се проширило и истражувачите почнале да поставуваат нови прашања.
Неодамна, извршено е истражување во кое e опишана нова „состојба на умот“, со кое се оспорува идејата за континуиран тек на свесната содржина за време на будност. Таа состојба се нарекува празнење на умот (mind blanking), односно празен ум (empry mind), или празна свест (ПУ).
Што би било тоа празен ум, или празна свест? Тоа би значело целосно отсуство на ментална содржина во свеста, односно во свеста да нема ништо, ни ментална слика, ни песна, ни мисла. Дали човековиот ум може да биде целосно празен? Токму тоа сакала да го истражува група на истражувачи од Универзитетот во Сорбона. Тимот сакал да го истражи феноменот „празен ум“ и да го спореди празнењето на умот (ПУ) со лутањето на умот (ЛУ).
Како течело истражувањето
Во ова истражување учествувале 62 здрави испитаници. Тие работеле серија на едноставни тестови на внимание, наменети да ги мерат флуктуациите на вниманието во текот на една долга досадна задача. Стимули биле броеви и лица, прикажувани во блокови. По секое прикажување на стимулот испитаниците требало да реагираат така што ќе притиснат копче, освен ако бил прикажан бројот 3 или насмеано лице. Додека испитаниците ја вршеле задачата, за секој испитаник континуирано бил сниман електроенцефалограм со висока густина (hdEEG). Менталната состојба на испитаниците била испитувана во случајни интервали (од 40 до 70 секунди) и тоа така што требало да одговорат на четири прашања: 1) дали испитаникот бил фокусиран на задачата, 2) дали испитаникот бил фокусиран на тема надвор од задачата (off task, MW), 3) дали е „ментално празен“ (mental blank) и 4) дали имаат некое сеќавање.
Од интерес за тимот била перформансата на испитаниците на задачите и енцефалограмот (ЕЕG) на кој била снимана активноста на мозокот. Ќе споменам, накратко, неколку од огромниот број наоди.
Што е најдено
Општо земено, било најдено, на пример, дека реакционите времиња биле побавни кога испитаниците соопштиле празен ум (ПУ) во споредба кога соопштиле лутање на умот (ЛУ). Исто така, најдено е дека основните чекори за обработка на визуелните информации биле сочувани за време на ЛУ, додека за време на ПУ биле значително нарушени.
Истражувачите ги анализирале одговорите на прашањата што се однесувале на менталната состојба, но и EEG снимките на мозочната активност додека испитаниците одговарале на прашањата. Овие анализи помогнале да се утврди профил што тие го нарекле празнење на умот (mind blanking) или празен ум (empty mind), ПУ, како поддршка на нивната идеја дека ментални празнини навистина постојат и дека тие претставуваат посебна ментална состојба.
Истражувачите навеле бихевиорални и електрофизиолошки наоди во прилог на нивното сфаќање на празниот ум како посебна состојба.
Празнењето на умот било поврзано со специфичен бихевиорален аутпут, различен од профилот лутање на умот (ЛУ).
За празнењето на умот (ПУ), карактеристично било што тој имал поголема фреквенција на пропуштени одговори и побавно реакционо време, а за лутање на умот (ЛУ) тоа што реакционото време било побрзо, но со повеќе погрешни одговори. Накратко, ЛУ може да се опише како импулсивен профил (многу погрешни одговори, брзо реакционо време), додека празниот ум (ПУ) може да се опише како расеан (absent-minded) профил (многу пропуштени одговори, бавно реакционо време).
Ќе ги споменам сега неврофизиолошките корелати на ПУ и ЛУ. Истражувачите користеле мерки по три критериуми: спектрални мерки, мерки на комплексност и мерки на поврзаност.
Спектралните мерки ја мерат фреквенцијата на мозочните бранови, покажувајќи колку брзо или бавно осцилира електричната активност на мозокот. Мерките на комплексност ги мерат разновидноста и непредвидливоста на мозочната активност, покажувајќи колку информации мозокот обработува. Мерките на поврзаност ја мерат комуникацијата помеѓу различните мозочни региони, покажувајќи колку добро одделни области се синхронизираат и споделуваат информации.
Сите проучувани мерки биле модулирани од состојбата на умот на испитаниците.
Спектралните и комплексни мерења откриле различни профили за ЛУ и ПМ: ЛУ бил поврзан и со зголемување на брзата осцилаторна активност и комплексност кај централните електроди и со намалување на овие мерки кај фронтополарните и задните електроди. Што се однесува до ПУ, тој бил поврзан со зголемување на брзата осцилаторна активност и комплексност кај фронтополарните и фронтоцентралните електроди, и со намалување на овие метрики кај центропостериорните и задните електроди.
Директниот контраст помеѓу ПУ и ЛУ открил предна наспроти задна дисоцијација: додека фронталните и фронтоцентралните електроди покажале побрза осцилаторна активност и поголема комплексност кај ПУ отколку кај ЛУ, центропостериорните и задните електроди покажале спротивна разлика.
Што се однесува до мерките на поврзаност, за сите пресметани фреквентни опсези (делта, тета и алфа), било забележано значително намалување на интерареалната конективност за време на ПУ во споредба со ПУ.
Овие резултати, заедно, ја афирмираат идејата дека постои посебна ментална состојба која истражувачите ја нарекле празнење на умот, празен ум или празна свест (ПУ). На овој начин истражувачите од Сорбона правеле разлика помеѓу празнење на умот и лутање на умот (ЛУ), покажувајќи дека ПУ не е само недостиг на внимание, туку единствена ментална состојба окарактеризирана како празнина, односно како отсуство на свесна содржина.
Менталната празнина, всушност, е будна состојба за која е карактеристично целосно отсуство на ментална содржина, без ментални слики, без привлечни мелодии, без опсесивни мисли, а се јавува спонтано или намерно. Во оваа состојба испитаниците не соопштуваат ментална содржина, туку само чувство на празен ум или на празна свест.
Оваа состојба не е пропуст на вниманието. Тоа е вообичаено искуство и може да биде под влијание на фактори како стрес, анксиозност и когнитивна преоптовареност.
Авторите на студијата велат: „...празнењето на умот е честа појава. Се чини дека е многу честа по интензивен, продолжен когнитивен напор - како што е, на пример, универзитетски испит или долго лишување од сон“, објаснуваат тие. Според авторите, од 5 до 20 % од будните часови отпаѓаат на празнењето на умот, при што постојат значителни разлики помеѓу индивидуите.
Празниот ум (ПУ) е поврзан со специфичен бихевиорален и невролошки аутпут кој е различен од лутањето на умот (ЛУ).
Лутањето на умот е таква психолошка состојба при која вниманието се префрла од моментната надворешна задача на спонтани внатрешни мисли. Тоа зафаќа значаен дел од будната состојба и се фокусира на рефлексии од минатото, на мисли за иднината или на лични цели.
Празнење на умот е различно од лутање на умот и вклучува уникатна активност на мозокот.
Зошто се важни овие наоди
Долго време во психологијата се сметало дека помеѓу свесната и несвесната состојба постои јасна разлика. Но, некои психолошки истражувања покажале дека за време на спиењето, постојат знаци на свесно процесирање. Така, Маза (Mazza) во јуни 2014 година соопштила резултати од истражување според кои испитаниците и во текот на спиењето покажале знаци на свесна обработка на информации, а во октомври истата година Вејли, со наодите што ги навела, дала силна поддршка на истражувањата што ги вршел тимот од Сорбона. Според тоа, ако е можно лицето да биде во заспана состојба, а да покажува знаци на свесна обработка на информации, зошто да не е можна обратна ситуација: лицето да е будно, но да има застои во свесната содржина во текот на будната свесност? Новите истражувања (2025) покажале дека постојат празнини во потокот на свесни мисли, односно постои будност, но нема свесна содржина. Со ова тврдење се доведува во прашање вообичаеното сфаќање на Џејмс дека будноста секогаш претпоставува свесност: свесното искуство не е поток на мисли кој „постојано тече“, туку дискретен феномен, со дискретни временски островчиња со свесна содржина, одвоени со кратки периоди без содржина.
Автор: проф. д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија
Иzвор: Munoz-Musat, E., Coz, A. L., Corcoran, A. W., Belloli, L., Naccache, L., & Andrillon, T. (2025). Behavioral, experiential, and physiological signatures of mind blanking. Proceedings of the National Academy of Sciences, 122(52).
Whalley, K. Asleep but aware. Nature Reviews Neuroscience, volume 15, p. 698 (2014).