X
 11.06.2026 Живот

Патувањето ја зголемува долговечноста и придонесува за подобро здравје

Не е непознато дека патувањето ги проширува видиците, но понови истражувања покажуваат дека тоа може да има и многу поконкретен ефект врз здравјето и долговечноста. Според истражување објавено во списанието „Журнал оф травел рисрч“, патувањето не го запира стареењето, но може да му помогне на телото подобро да одржува рамнотежа и да биде поотпорно.

Експертите што се занимаваат со долговечност и превентивна медицина објаснуваат дека за време на патувањето во телото и мозокот се активираат низа процеси поврзани со поздраво стареење - од физичка активност и социјална интеракција до ментална стимулација и намалување на стресот.

Како што појаснуваат лекарите, во текот на истражувањето патувањето се разгледувало преку концептот на ентропија, односно природниот премин од ред во неред, и се сугерира дека позитивните искуства при патување можат да му помогнат на телото да ја задржи способноста за адаптација.

Придобивките од патувањето


Експертите истакнуваат дека патувањето најчесто комбинира неколку клучни елементи на здрав живот: физичка активност, престој во нови средини, социјални контакти, позитивни емоции, опуштање и ментална активност. Токму таа комбинација може да има долгорочни ефекти врз здравјето.

Сепак, се нагласува и важна напомена - дека не сите патувања се еднакво корисни. Преголем стрес, лоша организација, недостиг на сон или прекумерна исцрпеност можат да имаат спротивен ефект.

Престојот во нови средини го поттикнува организмот на адаптација, ја зголемува метаболичката активност и активира процеси што му помагаат на телото подобро да реагира на промени. Како што наведуваат експертите, одбранбениот систем станува поотпорен, а во одредени случаи може да се поттикнат и процеси на регенерација.

Патувањето како „скриена физичка активност“


Една од најголемите предности на патувањето е зголемената физичка активност која често не се доживува како вежбање. Пешачење низ градови, излети, пливање, качување по скали или носење багаж - сето тоа природно го зголемува движењето.

Таквата активност може позитивно да влијае врз кардиоваскуларното здравје, мускулната сила, рамнотежата и метаболизмот, особено кај постарите лица. Покрај тоа, патувањето обично значи и повеќе престој на отворено, што придонесува за подобар сон и регулирање на циркадијалниот ритам. Сонцето, движењето и промената на рутина заедно создаваат услови кои позитивно влијаат врз организмот.

Исто така, експертите истакнуваат дека опуштените патувања можат да го намалат нивото на кортизол, што се поврзува со подобро здравје на срцето и намалување на симптомите на депресија и осаменост.

Менталното здравје и емоционалното ресетирање

Патувањето има силно влијание и врз менталното здравје бидејќи ги прекинува секојдневните стресни обрасци. Промената на околината им помага на луѓето да добијат нова перспектива и повторно да се поврзат со активности што ги исполнуваат.

Важен аспект е и очекувањето на патувањето, како и сеќавањата по него, бидејќи и двете можат позитивно да влијаат врз расположението и општата благосостојба. Освен тоа, патувањето често поттикнува дружење и зајакнување на односите, без оглед дали е тоа со семејството или пријателите. Таквите искуства придонесуваат за чувство на поврзаност и смисла, што е клучно за поздраво стареење.

За време на патувањето мозокот е постојано активен - од планирање и снаоѓање во просторот до донесување одлуки и адаптација на нови ситуации. Таквата комбинација ги стимулира различните мозочни функции, вклучувајќи ориентација, меморија и извршни способности. Токму таа „новина и комплексност“ дејствува како силна ментална вежба која може да го намали ризикот од когнитивно опаѓање.

Патувањето може да ја зајакне и таканаречената когнитивна резерва, односно способноста на мозокот да остане флексибилен и отпорен на промени во текот на животот. Учењето, движењето, социјалната интеракција и истражувањето нови средини заедно создаваат силен „пакет“ што го поддржува здравјето на мозокот.

Иако патувањето може да има многубројни придобивки, експертите нагласуваат дека најважен фактор е начинот на кој се патува. Опуштени, добро организирани патувања со доволно сон, движење и одмор можат да бидат исклучително корисни. Од друга страна, пренатрупан распоред, исцрпеност и лоши навики можат да ги поништат позитивните ефекти.

Со други зборови, не е важно колку далеку патуваме, туку како изгледа патувањето и како се чувствуваме додека патуваме.

Извор: Dnevno.hr
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот