X
 08.05.2022 Здравје

Големи достигнувања во борбата против ракот во изминатите неколку години

Речиси 10 милиони луѓе починале од рак во 2020 година. Тој е водечка причина за смрт на глобално ниво, според Светската здравствена организација (СЗО). Некои од најчестите видови рак се рак на дојка, на бели дробови и на дебелото црево. Напредувањата во медицината и технологија, сепак, спречуваат овој број да биде поголем. Така, во изминатите години биле направени неколку значајни достигнувања.

Онкологија со прецизност

Станува збор за метод со кој се истражуваат генските и молекуларни карактеристики на канцерогените тумори кај индивидуалните пациенти. Овој пристап препознава промени во клетките кои може да доведат до растење и размножување на ракот.


Фото: Pixabay

Со помош на методот може да се даваат персонализирани третмани наместо генерални кои се даваат за сите пациенти и на тој начин се спречува оштетувањето на здравите клетки.

Вештачката интелигенција во борба против ракот

Во Индија се користат вештачка интелигенција и машинско учење за да се сменат третманите за рак. На пример, со помош на вештачката интелигенција може да се открие ризикот за развивање чест облик на рак и со тоа да се спречи доцна дијагноза. Освен тоа, технологијата за вештачка интелигенција може да се користи за анализа на икс-зраци за попрецизна детекција на рак.

Траги во ДНК од ракот

Анализа направена на ДНК од рак од 12.000 пациенти во Англија покажала траги за причината за појава на ракот. Онколозите успеале да препознаат различни мутации кои играле улога во заболувањето со анализа на податоци од ДНК од ракот.

Течни и синтетички биопсии

Биопсијата е главниот начин за утврдување на ракот, но процесот е инвазивен и вклучува земање примерок од ткиво кое потоа се анализира во лабораторија. Течните биопсии се полесно и помалку инвазивно решение. Во овој случај се прави тест за рак со примерок од крвта. Синтетичките биопсии се друга иновација со која може да се откријат канцерогените клетки на почетокот на болеста.


Фото: Pixabay

Клеточна терапија

Третман наречен CAR T-клеточна терапија вклучува отстранување и генетичко модифицирање на имунолошките клетки кај пациентите. Модифицираните клетки потоа произведуваат протеини кои ги препознаваат и уништуваат канцерогените клетки. Двајца од првите пациенти на кои била тестирана терапијата се здрави 12 години по третманот.

Борба против ракот на панкреасот

Ракот на панкреасот е еден од најсмртоносните видови рак. Тој ретко се дијагностицира пред да почне да се шири и шансите за преживување повеќе од 5 години се помали од 5 отсто. Научници од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего развиле тест за рано детектирање на овој рак. Во експериментите, со тестот се дијагностицирале 95 отсто од раните ракови на панкреасот кај учесниците.

Извор: World economic forum
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје