Чест вид на хуман папилома вирус (ХПВ) може да е поопасен отколку што мислевме. Вирусот познат како бета-ХПВ се сметаше дека во ретки случаи придонесува за рак на кожата преку влошување на штетата од УВ-зрачењата, но во нова студија се сугерира дека всушност може да ги грабне клетките во телото за директно да поттикнат раст на ракот.
Овие нови заклучоци доаѓаат од студија за 34-годишна жена која побарала медицинска помош за сквамозен карцином на кожа (cSCC) на нејзиното чело. Нејзините тумори постојано растеле одново и одново, дури и по имунотерапија и операции.
Подетална генетичка анализа открила нешто изненадувачко - бета-ХПВ вирусот всушност навлегол во ДНК на туморот на жената, каде што создавал протеини што му помагале на ракот да се развива.
Досега никогаш не било откриено бета-ХПВ да се интегрира во клеточна ДНК, а не па активно да одржува рак.
-Ова сугерира дека можеби има повеќе луѓе со агресивни форми на cSCC кои имаат скриен имунолошки недостаток и може да имаат корист од терапиите што го таргетираат имунолошкиот систем - вели имунологот Андреа Лиско од американскиот Институт за алергологија и заразни болести.
Жената која била предмет на студијата имала наследно имунолошко нарушување што ги спречувало нејзините Т-клетки да го нападнат ХПВ-вирусот.
Додека тестовите откриле дека имунолошкиот систем на жената сè уште може да ја поправи штетата на ДНК од УВ-радијацијата (типичната причина за cSCC), оштетувањето на нејзините Т-клетки значело дека бета-ХПВ може да ги окупира нејзините кожни клетки и да предизвика формирање на рак.
Имунокомпромитираната жена исто така добивала терапија и за други заболувања поврзани со ХПВ, вклучувајќи и брадавици на кожата и во устата. Штом била откриена причината за нејзината состојба, пациентката добила трансплантација на матични клетки од коскена срцевина за да се заменат нејзините нефункционални Т-клетки со здрави. Тоа го исчистило агресивниот рак на кожата и другите состојби предизвикани од ХПВ и никој од нив не се повратил во следните три години.
Студијата во никој случај не ја минимизира улогата на УВ-радијацијата како причина за рак на кожата, но покажува дека има и други фактори што имаат влијание. Во ретки случаи како овој, вообичаено бенигни вируси може да имаат уништувачки ефекти врз луѓе со ослабени имунолошки системи. Тоа ја нагласува потребата за таргетирани и персонализирани терапии за рак, кои може да се поефикасни од конвенционалните и генерички приоди. Веројатно е дека жената од студијата е далеку од единствената со овој склоп на состојби.
Истражувањето е објавено во
„Њу Ингланд Џурнал оф Медисин“.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik