X
 28.07.2025 Живот

Стевијата ги убива клетките на ракот, а не им штети на здравите

Билната замена за шеќерот – стевија би можела да се користи за лекување на најсериозните видови рак без несакани ефекти, според ново истражување. Студијата е објавена во Меѓународниот журнал за молекуларни науки, но досега тестовите се спроведени само на лабораториски примероци.

Стевијата е позната како природен засладувач без калории, но истражувачите од Универзитетот во Хирошима откриле дека крие многу поважен потенцијал. Стевијата ферментирана со сој на бактерии од листовите на банана покажала исклучителен антиканцероген ефект врз клетките на ракот на панкреасот - еден од најагресивните и најсмртоносни тумори денес.

Ова откритие отвора можност за развој на таканаречените пробиотски терапии за рак.

Алтернативната медицина не е неоснована

Терминот пробиотска терапија може да звучи како да доаѓа од светот на непотврдената алтернативна медицина, но тоа е научно заснован пристап кој користи живи микроорганизми, најчесто лактобацили и бифидобактерии, за да влијае врз биолошките процеси во телото - од регулирање на имунолошкиот одговор до намалување на воспалителните состојби и насочено дејство врз туморските клетки.

Во најновата јапонска студија, бактерии од банани биле користени за екстракција на ново соединение со антиканцерогени својства од стевија. Тука пробиотските култури не дејствуваат како лек сами по себе, туку служат како биолошка алатка за создавање помоќни молекули што телото поинаку не би ги произведувало. Овој пристап - познат како микробна биотрансформација - отвора врата за развој на сосема нови терапии.

Рак на панкреас - тешко се открива, а уште потешко се лекува

Со петгодишна стапка на преживување помала од 10 %, ракот на панкреас е еден од најсмртоносните. Тешко се открива во раните фази, се шири брзо и често не реагира на конвенционални третмани како што се хемотерапија, радиотерапија или хирургија. Затоа научниците низ светот бараат нови опции за третман.


Ферментација – клучот за ослободување лековити соединенија

Истражувачки тим предводен од проф. Масанори Сугијама и вонредниот проф. Нарандалај Даншиитсудол покажал дека ферментирањето на екстракт од стевија со соеви на „Lactobacillus plantarum SN13T“ драстично го менува неговиот хемиски состав. Се формира ново соединение – метил естер на хлорогена киселина (CAME) – кое покажува силен цитотоксичен ефект врз клетките на ракот на панкреасот, а не им штети на здравите бубрежни клетки.

Бубрезите се особено чувствителни на токсичност од лекови, особено хемотерапија. Многу цитотоксични терапии (на пр., цисплатин) предизвикуваат нефротоксични несакани ефекти, што значи дека можат сериозно да го оштетат ткивото на бубрезите. Затоа, во претклиничките студии бубрежните клетки често се тестираат за токсичност.

Што покажале експериментите?


Во контролирани лабораториски услови научниците ги споредиле ефектите од ферментираниот и неферментираниот екстракт од стевија. Се покажало дека ферментираниот екстракт е значително подобар во убивањето на клетките на ракот на панкреасот, а не предизвикува оштетување на здравите клетки, дури и при високи концентрации.

Покрај тоа што предизвикува апоптоза - природен механизам на клеточна смрт, има и потенцијал селективно да ги таргетира туморските клетки, што е исклучително важно во развојот на безбедни терапии против рак.

Зошто е насочена терапијата?

Постојат неколку објаснувања зошто некои антиканцерогени соединенија селективно влијаат врз туморските клетки, но не и врз здравите клетки.

Главното објаснување лежи во разликите помеѓу метаболизмот на туморските и здравите клетки. Имено, туморските клетки имаат забрзан метаболизам и поголема потреба за енергија, што ги прави почувствителни на соединенијата што предизвикуваат стрес во митохондриите и го нарушуваат балансот на оксидансите и антиоксидансите.

Новото соединение од стевија веројатно предизвикува оксидативен стрес или нарушување на сигналните патишта што се специфично активирани во туморските клетки. Покрај тоа, мембранските рецептори и ензимите што го препознаваат или метаболизираат соединението можат да бидат поизразени во туморските клетки, па затоа можат да апсорбираат повеќе од активната супстанција отколку здравите клетки. Ова значи дека ефектот е селективно насочен кон туморот.

Конечно, апоптозата, програмираната клеточна смрт, е построго регулирана во здравите клетки, додека туморските клетки често се поблиску до прагот на активирање на овој механизам, па затоа полесно влегуваат во апоптоза кога ќе се сретнат со стресен стимул.

Што е следно?

Следниот чекор во истражувањето треба да биде спроведување експерименти на животински модели што ќе помогнат да се утврдат ефикасноста, безбедноста и оптималните дози на CAME во реални биолошки системи.

Според проф. Даншиитсудол, ова истражување не само што го продлабочува разбирањето на микробната биотрансформација на растителните екстракти, туку и ги поставува темелите за употреба на пробиотици како природни антитуморски агенси.

Извор: index.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот