X
 11.09.2026 Наша тема

„Дрвјата се наши сограѓани од различна таксономија - да им го продолжиме животот колку што е возможно“, вели арбористот Димитар Попов

Најважно е да научиме да живееме со големите дрвја наместо автоматски да ги гледаме како проблем кој еден ден ќе треба да се отстрани. Да го продолжиме животот на дрвото колку што е разумно возможно, а паралелно со тоа одговорно да го менаџираме ризикот, изјавува Димитар

Иницирани од невремето со силен ветер во Скопје, кое собори стотици дрвја, разговараме со професионалниот арборист Димитар Попов за состојбата на дрвјата во Скопје, најчестите проблеми што ги забележуваат арбористите, каде се греши во одржувањето, како навреме да се препознае дрво со ризик?

Димитар Попов е и основач на „Arbortek tree care“, тим специјализиран за арбористика, работа со дрвја и интервенции на височина. По образование доаѓа од областа на хортикултурата и шумарството, која му претставува пасија и интерес уште од најрани години.



- Зад себе имам повеќе од 14 години искуство во работа на височина и со јажиња, додека изминатата половина деценија мојот професионален фокус е целосно насочен кон дрвјата и развојот на современа арбористика во Македонија. Мојот живот е исполнет со работа на висина, качување карпи, отворање нови насоки во карпи и искачување недостапни места од аспект на стандардниот планинарски пристап. Идејата за „Арбортек“ започна и е базирана во Маврово, средина во која дрвото и човекот природно се во постојана интеракција, каде што има и потреба и недостиг на стручен кадар со квалификации за работа во висина, особено во отстранување и решавање на деликатни ситуации - ризични дрвја во кабли, навалени над покрив или секаде каде што конвенционалниот пристап на сечење е несоодветен. Оттаму започна и нашата работа, но денес сме активно присутни во Скопје, Охрид, Преспа и низ цела Македонија, зависно од потребата, проектот и спецификата на интервенцијата, каде што главна цел ни е одржување на дрвјата, резидба, санитарна сеча и превентивни интервенции - вели Димитар.

Да не се грижиме за дрвјата само кога ќе станат проблем!


Во период од околу три години активна работа, тој со својот тим има работено на 637 стебла, во различни ситуации и проекти – од превентивна нега и одржување до технички комплексни и високоризични интервенции.

- Нашиот спектар на работа опфаќа отстранување на ризични дрвја со уникатни јажеви системи, резидба, обликување и редуцирање на крошни, контролирано редуцирање на висина и врвови, отстранување на суви и ризични гранки, садење дрвја, како и интервентен одговор по невремиња и други катастрофални настани. Сето ова го работиме според стандардите на ISA (International Society of Arboriculture). Голем дел од нашата работа се изведува таму каде што класичниот пристап од земја веќе не е возможен. Работиме директно во крошните, со техники на јаже и специјализирани системи за пристап и позиционирање, а во одредени ситуации височината на дрвјата на кои интервенираме достигнува околу 45 метри. Особено комплексни се интервенциите на дрвја кои поради својата положба, состојба или димензии претставуваат потенцијален ризик за околината – дрвја над куќи и покриви, покрај сообраќајници, возила, електрични водови, инфраструктура или простори каде што секојдневно се движат луѓе. Во такви ситуации самото сечење е еден сегмент од работата. Најважни се правилната процена, планирањето, контролата на секој дел од дрвото што се отстранува и безбедноста на луѓето, објектите и околината - ни објаснува Димитар.



Нивниот пристап секогаш започнува со разговор и бесплатен првичен увид на самото место, консултација и процена на терен затоа што сметаат дека првиот чекор не треба автоматски да биде сечење, туку разбирање на проблемот и барање на најсоодветното решение. Имале доста ситуации каде што по увидот заклучиле дека целосно отстранување на дрвото не е потребно.

- Со правилна резидба, отстранување на ризичните делови, редукција или со долгорочен план за одржување, дрвото може да продолжи безбедно да коегзистира со луѓето и просторот околу него. Од друга страна, кога состојбата навистина бара отстранување, работата ја планираме како контролирана техничка операција, особено кога станува збор за големи дрвја во ограничен простор и ситуации каде што практично нема простор за грешка - ни споделува Димитар.

Покрај комерцијалните проекти, во одредени ситуации работат и про боно, особено кога сметаат дека постои реална потреба, јавен интерес или ситуација во која нивното знаење и опрема можат конкретно да помогнат.

- Тој дел од работата е важен за нас бидејќи „Арбортек“ не го гледаме исклучиво како бизнис, туку и како начин да придонесеме кон развивање поинаков однос кон дрвјата и арбористиката во Македонија. Низ работата на терен сè повеќе се уверуваме дека еден од најголемите проблеми кај нас не е само физичката состојба на дрвјата, туку и начинот на кој размислуваме за нив. Најчесто реагираме кога гранката веќе се скршила, кога дрвото станало ризично или откако ќе помине невреме. Суштината на современата арбористика е спротивна – процена, превенција, навремена нега и долгорочно управување со дрвото и ризикот. Тоа е и визијата врз која го градиме „Арбортек“. Да не се грижиме за дрвјата само кога ќе станат проблем, туку да се грижиме за нив за да не станат проблем - подвлекува нашиот соговорник.

Дрвјата се наши кобитија

Според нашиот соговорник, дрвјата и дрвната вегетација во Скопје се во прилично запуштена состојба.

- Пред сè, мислам дека сè уште се занемарени како живи организми кои имаат клучна улога во урбаниот екосистем. Дрвото не е само „дрво“, односно објект со декоративна функција во нашиот видокруг. Тоа е жив организам со свои карактеристики, потреби и животен циклус, а истовремено е дел од една поширока заедница во која организмите меѓусебно се надополнуваат. Дрвјата имаат огромна улога во регулирањето на градската микроклима, влијаат врз квалитетот на воздухот, водата и почвата, спречуваат ерозија, складираат јаглерод диоксид и произведуваат кислород. Со други зборови, тие се витален дел од функционирањето на екосистемот. Без разлика дали зборуваме за урбана средина или за дива природна територија, дрвјата се еден од клучните фактори за одржување на природната рамнотежа. На некој начин, јас ги гледам како наши „сограѓани“ од различна таксономија - едноставно кажано, наши кобитија - изјавува Димитар.



Еден од најголемите проблеми е што немаме доволно развиена арборикултура, ниту како професија ниту како систем на грижа и култура на однесување кон дрвјата. Најчесто стануваме свесни за нив тогаш кога ќе се појави проблем.

- Тоа најдобро се виде по невремето на 21 јули. Во тие моменти сите сме во највисок степен на паника – паднати дрвја, оштетени возила, покриви, инфраструктура. По неколку дена состојбата се смирува и така до следното невреме. Дополнителен проблем е несоодветната грижа, особено нестручното сечење и кастрење. Правилната резидба треба да му помогне на дрвото во неговиот понатамошен раст, развој и структурна стабилност. Кога се работи без знаење и без разбирање зошто нешто се сече, ефектот може да биде сосема спротивен – наместо да го негуваме дрвото, му нанесуваме траума и долгорочно го девитализираме - објаснува нашиот соговорник.

Проблемот кој доведува до сушење или паѓање на едно дрво зависи од повеќе фактори, но почнува од недостигот на едуциран теренски кадар.

- Кога нема доволно знаење, тешко може навреме да се препознае проблемот. Ако не го препознаеме, не можеме ниту да го предвидиме, а тогаш превентивните мерки се одложуваат сè до моментот кога единственото решение станува некаква радикална интервенција. Друг голем фактор е начинот на кој го развиваме самиот град. Искрено, не паметам Скопје да изгледало вака во поглед на средината за живеење. Имаме огромна количина бетон и инфраструктура, додека зелените површини сè повеќе се сведуваат на некакво декоративно зеленило. А кога зборувам за урбано зеленило, не мислам само на туја, борче и цвеќенце. Зборувам за паркови со големи зрели дрвја, дрвореди, булевари и улици каде што дрвјата се правилно интегрирани и коегзистираат со нас во урбаниот екосистем. Скопје имало такво зеленило. Но, недостигот на долгорочна стратегија и планско одржување нè доведува до проблемите со кои денес се соочуваме. Голем дел од проблемот е и под земја, а ние воопшто не го гледаме. Збивање на почвата, бетон околу стеблото, градежни интервенции, пресекување на корења, загадување, атмосферски води и различни материи кои завршуваат во почвата – сето тоа директно влијае врз кореновиот систем. Крошната е она што го гледаме, но огромен дел од животот и стабилноста на дрвото зависи од она што се случува под земја.
Кај нас премногу често функционира логиката „сечи тука да го средиме“, без да се запрашаме што тоа сечење ќе направи со статиката и виталноста на дрвото за пет или десет години. Наместо секогаш да одиме кон радикални решенија, треба да почнеме да размислуваме превентивно. Тоа е всушност и една од основните идеи на „Арбортек“ - не да се грижиме за дрвјата само кога ќе станат проблем, туку да се грижиме за нив за да не станат проблем - подвлекува Димитар.



Како заедница мора да го смениме односот кон дрвјата

Гаранција дека некое дрво нема да падне при екстремно невреме не постои, но постојат превентивни мерки со кои ризикот може да се намали.

- Секое сечење на дрвото има причина, но има и (позитивна) последица. Имаме конкретни примери и од нашата работа. Во 2025 година на неколку дрвја во приватни имоти изведовме санитарна резидба, чистење на сува биомаса, планско кастрење и соодветна редукција на одредени делови од крошните. Тие дрвја го издржаа невремето на 21 јули 2026 година, иако во непосредната околина имаше скршени гранки и целосно паднати дрвја од ударот на невремето 21 јули 2026. Се разбира, тоа не значи дека резидбата е некаква гаранција или дека ќе го „спаси“ секое дрво од секое невреме. Но, за нас беше многу добар практичен показател за вредноста на навремената и планска нега. Како заедница, мора да го смениме односот кон дрвјата - категоричен е Попов.

Луѓето најчесто го бараат кога веќе постои конкретен проблем – суви или скршени гранки, прерасната крошна, гранки над покриви, кабли или друга инфраструктура, наклонето или оштетено дрво, или дрво за кое веќе постои страв дека претставува ризик.



- По силно невреме, нормално, бројот на повици нагло расте. Тогаш работата станува и интервентна – паднати дрвја, висечки и скршени гранки, блокиран пристап, оштетени објекти и ситуации во кои мора брзо да се реагира, но пред сè безбедно. Она што ме радува е што полека се појавуваат и луѓе кои не чекаат нешто да се скрши. Нè повикуваат да погледнеме дрво кое можеби воопшто нема видлив проблем, да процениме во каква состојба е и како треба да се одржува во следните години. За мене, тоа е суштината на арбористиката. Арбористот не е само човек кој се качува на дрво со моторна пила. Многу поважен дел од професијата е да знаеш да го „прочиташ дрвото“ – да направиш процена, да планираш и понекогаш да донесеш одлука дека нешто воопшто „не треба да се исече“. Понекогаш најдобрата интервенција е токму минималната интервенција. Не е целта да нè повикаат кога дрвото веќе паднало. Целта е да работиме со него додека е здраво и функционално и да направиме сè што е возможно такво да остане што подолго - изјавува Димитар.

Тој им препорачува на луѓето да не се плашат од едно дрво само затоа што е големо. Големо или старо дрво не значи автоматски опасно дрво. Напротив, зрелите дрвја имаат огромна вредност.

- Затоа сметам дека отстранувањето треба да биде последна опција, кога за тоа навистина постои оправдана причина. Како практичен пристап, кај поголеми и зрели дрвја контролата на една и пол до две години е добра основа, а порано ако се забележи некаква промена или ако дрвото поминало низ силно невреме. Кај дрво кај кое веќе постои одреден ризик, нормално, динамиката на следење треба да биде почеста. И секако, многу повеќе логика има едно дрво да се прегледа „пред“ периодот со силни ветрови отколку првпат сериозно да го разгледуваме откако веќе ќе помине невремето. Најважно е да научиме да живееме со големите дрвја наместо автоматски да ги гледаме како проблем кој еден ден ќе треба да се отстрани. Да го продолжиме животот на дрвото колку што е возможно, а паралелно со тоа одговорно да го менаџираме ризикот - завршува Попов.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема