Изгледа дека сепак не сите патишта водат кон Рим, барем не во буквална смисла. Нова мапа од патиштата на оваа античка империја покажува речиси двојно поголема должина од потврдената староримска патна мрежа (од 190.000 до 300.000 километри), а најголемите центри се лоцирани далеку од Рим.
Мапата, која можете да ја погледнете
ТУКА, претставува само 3 отсто од целата патна мрежа од Римската Империја, велат од тимот предводен од археологот Том Бругманс од Универзитетот во Орхус, Данска.
Римската Империја била многу влијателна, со далекосежна власт која во најдобрите години се протегала на 5 милиони квадратни километри, а била контролирана од Рим. Наследството од оваа империја живее и денес, а патната мрежа е дел од легендата - огромна мрежа распространета низ целата империја за која се вели дека имала клучна улога во експанзијата и одржувањето на Рим.
Патиштата можат да нè научат многу за античките Римјани, на пример, како се движеле и тргувале, колку далеку стигнала империјата и како се ширеле болести. Сепак, достапните податоци за мрежата на римски патишта беа стари и фрагментирани. Бругманс и неговиот тим го почнале проектот „Итинере“ за да ја централизираат мапата на едно место и да ја направат таа информација достапна за секој што сака да ја искористи.
- Главниот придонес на проектот е што ги спојува сите истражувања за локациите на римските патишта на отворен начин: секој од оние 14.769 сегменти од патиштата вклучува извори кои се користени за локализација и израз на сигурност на локацијата. Ова е прв отворен сет на податоци што комбинира истражувања за локацијата на сите римски патишта низ целата империја. Тие се проучувани повеќе од 200 години и треба да имаме веродостоен извор што ги прави овие истражувања достапни за сите - вели тој.
Бругманс додава дека тие споредиле докази од ископувања и литературни извори со сателитски фотографии за да ги идентификуваат трагите од античките патишта и историски топографски карти на кои може да се види време пред густата урбанизација, кога римските патишта биле повидливи.
- Можеме да најдеме патишта скриени под сегашни вештачки езера со користење стари сателитски снимки направени пред проектите за градење брани - објаснува тој.
Резултатот е сет на податоци што покрива 40 земји и речиси 300 илјади километри римски патишта. Според истражувачите, фасцинантно е што има огромно ниво на континуитет кај римските патишта во минатите 2.000 години, па многу од тие маршрути се користат и денес. Иако империјата е згасната, духот на нејзиниот досег живее на патиштата што го поврзуваат светот.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Freepik