X
 12.04.2018 Наука

Сидата ќе ја снема за десет години

Ширењето на ХИВ-вирусот, предизвикувачот на сида, не само што е сопрено туку е и во опаѓање, а Светската здравствена организација сега сака целосно да ја искорени таа болест. Пред три години програмата на ООН за ХИВ и сида (UNAIDS) имаше амбициозна цел: да се искорени епидемијата на сида до 2030 година.

Целта на програмата била да не се роди ниту едно дете заразено со ХИВ-вирус, а оние што веќе боледуваат од таа болест да се лекуваат со терапија што ќе им обезбеди шанса за квалитетен живот.

Сидата од смртоносно заболување стана болест која може да се контролира. Според пишувањето на „Њу саентист“, благодарение на антиретровирусната терапија, моментално во светот живеат околу 21 милион луѓе. Лековите постојано се подобруваат, стануваат сè поефикасни и подостапни, па изгледа дека целта на програмата UNAIDS и не е така недостижна.

Брус Рикман, кому во 2003 година му дијагностицирале сида, вели дека терапијата со новите лекови му го променила животот.

„Откако бев заразен со ХИВ-вирусот, се изолирав бидејќи чувствував страв и срам. Се плашев дека ќе го пренесам ХИВ-вирусот и веќе не сакав да имам партнер“, истакнал тој. Неговиот живот целосно се променил во 2012 година, кога лекарот го информирал дека антиретровиралните лекови ќе ја намалат количината на вирусот во неговата крв на занемарливо ниво.

Потоа Рикман престанал да се крие и смислил кампања со која го пренесувал своето искуство за влијанието на антиретровиралните лекови врз квалитетот на неговиот живот на други луѓе. Кампањата ја нарекол „Н=Н“ (Незабележливо = Непреносливо). Целта на оваа кампања била да ја промени перцепцијата на заболените луѓе, да ја отстранат стигмата и да научат како да живеат со таа болест.

Пред две години Рикман се поврзал со 570 здруженија од 71 држава за да ја прошири својата порака.

„Во повеќето од тие држави луѓето се плашат од ХИВ-вирусот и од заразените луѓе, а сега се обидуваме да го промениме тоа“, вели тој.

Се проценува дека благодарение на ваквите кампањи, бројот на новозаболени е во значително опаѓање. Во 2016 година бројот на лица заразени со ХИВ паднал за 40 проценти во споредба со 2015 година, пишува „Њу саентист“.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука