Често знаеме да осудуваме навики како залутаност на умот или моменти на спонтано исклучување. За повеќето луѓе, тоа се знаци на слабо фокусирање, слаба дисциплина, па дури и когнитивно опаѓање.
Сепак, често не земаме предвид дека нашите перцепции се под влијание на културата на неуморна продуктивност и наградување која нè опкружува. Ако гледаме од таа перспектива, овие ментални навики ќе изгледаат како дистракции што треба да се поправат наместо како когнитивни процеси кои едноставно треба да се разберат.
Психолошките истражувања ни покажуваат дека во вистинските услови овие навидум непродуктивни однесувања може да отсликуваат когнитивна флексибилност, креативно решавање проблеми и способност на мозокот да се адаптира и да преминува од еден во друг начин на размислување. Со други зборови, наместо да се сметаат за ментални мани, тие може да се знаци на активен мозок кој врши важна работа.
Ова се две чести однесувања кои луѓето се обидуваат да ги отфрлат или потиснат:
1. Навика за мечтаење
Одлутувањето на умот, односно одвлекувањето на вниманието од задачите што ги имаме во сегашноста кон самогенерирани мисли долго време се сметаше за знак на невнимание. Сепак, неодамнешни студии покажуваат дека тоа може да ги поддржи креативното мислење и когнитивната флексибилност.
На пример, студија од минатата година во која биле вклучени повеќе од 1.300 возрасни лица покажала дека намерното одлутување на умот предвидува подобри креативни перформанси. Луѓето со поголеми тенденции за спонтано одлутување на умот имаат подобри перформанси во парадигмите со менување задачи, што значи дека побрзо можат да преминуваат од една ментална задача на друга, што е јасен знак за флексибилно размислување.
Друга навика која е во блиска врска со одлутувањето на умот е индивидуалниот капацитет за спонтана мисла. Студија од 2024 година ги анализирала примероците на спонтани мисли на повеќе од 3.300 учесници користејќи природно јазично процесирање. Според резултатите, спонтаните мисли се организираат околу информација со важна цел и ја поддржуваат консолидацијата на меморијата. Со други зборови, ова значи дека „бескорисното“ мислење често им служи на адаптирачките когнитивни функции наместо да е само ментална врева.
Сепак, треба да се забележи дека одлутувањето на умот не е магично решение. Бенефитите доаѓаат само кога има баланс со контролата на вниманието. Ако често заталкувате со мислите, а имате добар фокус и самосвесност, тогаш можеби се вклучувате во ментален режим кој поддржува креативност, флексибилно мислење и решавање проблеми.
2. Зборување сам со себе
Зборувањето сам со себе, без разлика дали е тивко во главата или гласно, може да изгледа чудно, па дури и невротично. Сепак, неодамнешните психолошки истражувања посочуваат дека зборувањето сам со себе може да се користат за поддршка на саморегулацијата, планирањето на метакогницијата (чинот на размислување за сопствените мисли).
Според студија од 2023 година, има значителна врска меѓу внатрешен говор и мерки на саморегулација. Со други зборови, луѓето што си зборуваат сами со себе почесто пријавуваат значително појасен идентитет и подобра саморегулација.
Секако, тоа не значи дека зборувањето со себе е директен сигнал за поголема интелигенција. Наместо тоа, сугерира дека внатрешниот говор може да функционира како когнитивно скеле или како начин за организирање сложени идеи и набљудување цели.
Ова значи дека преку интерно или гласно изнесување мисли, на мозокот може да му е полесно да ја намали когнитивната врева. Како резултат на тоа, може поефикасно да воведе структура за апстрактните или емоционални проблеми. Па, ако си мрморите во мислите, тоа може да е знак дека вашиот мозок средува сложени идеи, претворајќи го хаотичното размислување во организирани планови или саморефлексија.
Сепак, како и кај залутаните мисли, така и зборувањето со себе носи бенефити само ако е умерено. Претераното или негативно зборување со себе, особено во форма на премислување или тешка самокритика, може да ги поткопа фокусот и менталната благосостојба.
Извор:
Psychology today
Фото: Freepik