X
 12.08.2025 Живот

Проблеми на автошколите во БиХ: Надлежните бараат полагањето за возачка да биде со возила од 20 век

Автошколите низ цела Босна и Херцеговина се соочуваат со сериозен проблем по последниот допис на Министерството за комуникации и транспорт, во кој се наведува дека кандидатите за полагање на возачка не треба да користат технички помагала во возилата, како што се сензори за паркирање, камери за возење наназад и слични системи.

Оваа препорака е испратена од министерот Един Форто до Министерството за образование, наука, култура и спорт на Зеничко-добојскиот кантон, а истата е доставена и до Министерството за просвета и култура на Република Српска со што практично важи за сите автошколи во земјата.

- Министерството смета дека кандидатите за време на обуката треба да се запознаат со новите технологии, но испитот за управување со моторно возило треба да се спроведува на начин на кој кандидатот самостојно, ќе ги изврши барањата без употреба на технички помагала (сензори за паркирање, камери за паркирање, паркинг-пилоти) - стои во дописот.

За многу автошколи ова претставува проблем бидејќи во последните години вложиле во модернизација на возниот парк, купувајќи нови возила кои уште во основната опрема имаат вградено бројни асистентски системи што не можат да се исклучат.

Некои возила, како новиот „фолксваген голф 8“, доаѓаат со функции кои не е можно да се деактивираат, како помош при тргнување на угорница, сензори за близина, автоматско кочење и други.

Емир Ајановиќ, сопственик на автошколата „Ајан“ од Зеница, вели дека неодамна целосно го обновил возниот парк и дека практично е невозможно испитите да се организираат без користење на современа опрема.

- Возила како „фолксваген голф 8“ имаат опрема која не може да се исклучи. Ако оваа пракса се усвои, повеќето од нас ќе бидеме принудени да ги смениме возилата или да преминеме на технички послаби, што не е реално. Тоа испраќа порака дека се враќаме децении наназад и дека кандидатите ќе полагаат на возила како „голф 4“. Имаме почетници возачи кои сами излегуваат на автопат, а не знаат како да земат карта на наплатна рампа, бидејќи тоа не ни е дозволено - вели Ајановиќ.

Сличен проблем истакнува и членот на Управниот одбор на Асоцијацијата на автошколи во БиХ, Драган Илиќ од Бања Лука, потсетувајќи дека вакви обиди имало и во 2019 година.

Тогаш Заводот за образование на возрасни на РС се обидел да ја наметне истата пракса, но тоа било одбиено со аргумент дека Правилникот за обука на возачи пропишува само минимална опрема, без забрана за дополнителна опрема.

- Сензорите и камерите не се задолжителни, но се стандард во модерните возила. Министерството сега со своето мислење го побива правилникот за хомологација на возила. Ако ова се спроведе, тоа би значело дека возила со современа опрема не би можеле да учествуваат ниту во сообраќајот, што е апсурд - вели Илиќ.

Тој обвинува одредени институции за рушење на системот и поттикнување корупција.

- Луѓе од различни министерства со години ги менуваат правилниците во своја корист. Сакам да ни наметнат да возиме олдтајмери, а во исто време декларативно се колнат во европски директиви. Години наназад бараме видеонадзор на испитите за да се спречи корупцијата, но никој не го сака тоа. Имаме највисока смртност во Европа во сообраќајот - предупредува Илиќ.

Тој наведува и пример од Хрватска и други земји на ЕУ, каде што кандидатите имаат право на корекции при паркирање, додека во БиХ прописите се ригидни, што доведува до непотребно губење време за време на обуката.

- Поради ваквите правила, 30 отсто од обуката ја поминуваме во мирување. Имаме просечна брзина под 20 км/ч и многу школи не поминуваат ни 200 километри за 35 часа. Сето тоа го пишуваат луѓе кои никогаш не обучиле ниту еден кандидат - додава тој.

Автошколите најавија дека ќе бараат дополнителни појаснувања и ќе инсистираат ова апсурдно барање да се повлече или да се усогласи со реалната состојба на пазарот и развојот на технологиите во автомобилската индустрија.

Извор: Klix.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот