Убиството на еден од најблиските политички соработници на претседателот Доналд Трамп, Чарли Кирк, е уште една епизода на шокантно вооружено насилство во Америка. Ова е последното во долгата низа политички мотивирани убиства.
Ова се некои од најпознатите политички убиства во историјата на САД.
Претседатели
Абрахам Линколн, 16. претседател на САД
Линколн бил првиот претседател на САД убиен во атентат. Бил убиен од Џон Вилкс Бут, на 14 април 1865 година, додека тој и неговата сопруга присуствувале на театарска претстава во Вашингтон. Линколн починал утрото на 15 април. Се смета дека мотив за убиството била неговата поддршка на правата на црнците. Бут бил убиен неколку дена подоцна во Вирџинија.
Џејмс Гарфилд, 20. претседател на САД
Гарфилд е вториот претседател убиен во САД. На 2 јули 1881 година, додека шетал на железничката станица во Вашингтон, Гарфилд бил застрелан од страна на Чарлс Гито. Починал во септември истата година од инфекција, бидејќи лекарите не можеле да го најдат куршумот во неговото тело.
Гарфилд бил на функцијата само неколку месеци. Гито, за кого било кажано дека е ментално болен, бил прогласен за виновен и бил погубен во јуни 1882 година.
Вилијам Мекинли, 25. претседател на САД
Мекинли бил застрелан на 6 септември 1901 година за време на турнеја во Бафало, Њујорк, додека држел говори и предавања. Починал неколку дена подоцна од компликации предизвикани од прострелни рани кои му ги нанел анархистот Леон Чолгош. Чолгош бил прогласен за виновен и погубен во октомври 1901 година.
Џон Фицџералд Кенеди, 35. претседател на САД
Кенеди бил убиен на 22 ноември 1963 година за време на посета на Далас, Тексас. Бил во автомобил со сопругата Џеки Кенеди, додека се возеле по улиците и се поздравувале со народот. Додека колоната се движела низ центарот на градот, одекнале истрели.
Кенеди бил однесен во болница, каде што за брзо време починал. Неколку часа подоцна полицијата го уапсила поранешниот маринец Ли Харви Освалд. Два дена подоцна Освалд бил убиен од Џек Руби, сопственик на ноќен клуб во Далас, додека го пренесувале во окружниот затвор.
Претседателски кандидати
Роберт Ф. Кенеди, сенатор од Демократската партија
Роберт Кенеди, брат на убиениот Џон Кенеди, бил американски сенатор од Њујорк. Тој се борел за претседателска кандидатура кога бил убиен во 1968 година во хотел во Лос Анџелес.
Напаѓачот, Сирхан Сирхан, бил осуден за убиство од прв степен, а казната му била променета во доживотен затвор, каде што останал по одбивањето на последната молба за ослободување во 2023 година.
Други истакнати политичари
Мартин Лутер Кинг Помладиот
Лидерот на движењето за граѓански права на црнците бил убиен во Мемфис, Тенеси, во 1968 година. Се очекувало да предводи марш на работници кои протестирале поради ниските плати и лошите услови за работа. Мартин Лутер Кинг бил застрелан од снајперистот Џејмс Ерл Реј од балкон на хотел.
Малколм Икс
Малколм Икс бил афроамерикански револуционер, муслимански свештеник и активист за човекови права и истакната фигура во движењето за граѓански права до атентатот врз него во 1965 година. Бил истакнат портпарол на Нацијата на исламот, која се залагала за сепаратизам на црните Американци, а бил убиен во атентат организиран од Муџамед Азиз, Халил Ислам и Томас Хејган, кои подоцна биле осудени на доживотен затвор. Во 2021 година Азиз и Ислам беа ослободени.
Атентати врз Доналд Трамп
Фото: Screenshot/YouTube
Сегашниот американски претседател Доналд Трамп двапати беше цел на атентат во 2024 година.
Првиот обид се случи во јули 2024 година, на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, кога Трамп бил погоден од куршум додека држел говор, а куршумот го закачи неговото уво.
Во септември 2024 година тајната служба спречила уште еден обид за атентат во неговиот голф-клуб на Флорида.
Извор:
ВВС
Фото:
Wikipedia