X
 12.11.2018 Наука

Луѓето по природа се мирољубиви. Религиите ги прават насилни

Луѓето по природа се мирољубив вид, но во околности во кои се загрозени суштинските религиозни верувања што го дефинираат нивниот идентитет, подготвени се да станат доста насилни, покажува најново истражување, прво во кое биле користени психолошки модели на вештачката интелигенција.

Трудот е особено актуелен во околностите во кои радикалните десничарски популисти зајакнуваат низ Европа, па и светот поради стравот од имигрантите што се претставуваат како други и различни, односно како натрапници кои се закануваат дека ќе ја преплават домашната култура и религија. Авторите се надеваат дека системот што го развиваат ќе им помогне на владите на државите подобро да го разбираат, предвидуваат и да го смируваат верското насилство.

Во истражувањето учествувале научници од повеќе универзитети, меѓу кои и британскиот Оксфорд, Универзитетот во Бостон, САД и норвешкиот универзитет во Агдер.

Aвторите се обиделе да пронајдат одговори на две клучни прашања: дали луѓето се природно насилни или некои фактори, како религијата, можат во односите да ги зајакнат ксенофобијата и вознемиреноста, што може да доведе до насилство?

Познато е дека религиите поттикнуваат поврзување на луѓето во исти групи, но истовремено зајакнуваат недоверба и непријателство кон оние што се надвор од групата или кон членовите на други различни групи.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека луѓето по природа се мирољубив вид. Дури и во кризни времиња, на пример, при природни катастрофи, тие се склони кон поврзување, здружување и зближување. Сепак, постојат низа контексти во кои се подготвени на насилство, што посебно доаѓа до израз кога некои групи им се закануваат на нивните верувања.

Во истражувањето, за развој на модели се користени некои конкретни случаи на екстремно верско насилство, а авторите го тестирале системот на познати историски конфликти за да ја проверат веродостојноста на нивните психолошки модели на луѓе. Најголемо внимание било посветено на два примери од поновата историја:

1. Конфликтот помеѓу ирските католички републиканци и протестанти што траел три децении, во кој биле убиени околу 3.500 луѓе, а ранети околу 47.000.

2. Тридневниот конфликт помеѓу муслиманите и хиндусите во Гуџарт, во кој повеќе од 2.000 луѓе биле убиени во 2002 година.

Исто така, тие анализирале и некои примери на насилство предизвикано од луѓе кои, поради религиозни верувања, се свртеле против сопствената нација, како што се терористичките напади во Бостон и Лондон.

Во истражувањето биле искомбинирани компјутерски модели и когнитивна психологија за да се развие систем на вештачка интелигенција што треба да овозможи подобро разбирање на условите, водачите и моделите на верско насилство.

Еден од авторите на истражувањето, Џастин Лејн, докторанд на Институтот за когнитивна и еволутивна антропологија на Универзитетот во Оксфорд, објаснува дека 99 отсто од луѓето се запознаени со вештачката интелигенција која користи машинско учење за да ги автоматизира човечките задачи, како што е класифицирање на позитивните и негативните твитови и слично.

- Но, нашето истражувањето користеше нешто што се нарекува мултиагентска вештачка интелигенција за да создаде психолошки реалистичен модел на човекот. На пример, како луѓето мислат и како тие се идентификуваат со одредена група? Зошто некој се идентификува како христијанин, муслиман, Евреин и слично. Во суштина, како нашите лични верувања се совпаѓаат со тоа како групата се дефинира себеси - објаснува Џастин.

За подобро да го имитираат начинот на кој луѓето природно мислат и ги обработуваат информациите, употребиле три клучни теории на когнитивната психологија. Ова не е нов и необичен пристап, но првпат физички се применува во истражување. Постојат многу теоретски литератури што човечкиот ум го споредуваат со компјутер, но досега никој ваквите информации не ги употребил за создавање на компјутерски психолошки модел на луѓе. Во развојот на моделите што претставувале различна националност, раса и вера, биле комбинирани луѓе кои имале позитивни искуства со припадниците на други вери, оние што имале негативни искуства и оние што имале неутрални.

Резултатите покажуваат дека ескалацијата на ксенофобична напнатост најмногу ги погодила општествените ризици, како што се ситуациите во кои припадниците на одредени групи им се заканувале на основните верувања или светост на другите групи. Ескалацијата на насилството посебно било поттикната од ситуации во кои мнозинските и малцинските групи станале споредливи по големина.

Кога системите врз кои се темелеле основните верувања на луѓето биле изложени на ризик, или кога луѓето почувствувале дека нивната лојалност кон сопствените верувања е доведена во прашање, се будела вознемиреност. Сепак, таквите услови довеле до насилство во само 20 отсто од сценаријата, а секогаш биле предизвикани од луѓе кои не биле припадници на групи или луѓе од групи што се насочиле против фундаменталните верувања и идентитетот на групите.

Сфаќањето на основните причини за религиозно насилство овозможува создавање на модел што може да се користи на позитивен и на негативен начин - како за смирување на конфликтите така и за интензивирање. Авторите сметаат дека моделите, кога дополнително ќе се усовршат, може да се користат како позитивно оружје за стабилизирање на општествата и овозможување интеграција.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука