X
 12.11.2025 Наша тема

Божидар Спировски, експерт за сајбер-безбедност: „Сите измами почнуваат со неочекувана порака, ако се бара од вас итно да направите нешто, најчесто е измама“

Пред точно една година повеќе од 14.000 граѓани од Кавадарци, Велес и Неготино останаа без своите инвестирани пари и добивки откако онлајн пирамидалната шема „Конти“ ја запре исплатата. Граѓаните мислеле дека со уплата на извесна сума пари и со кликање лајкови на филмови или гледање трејлери за филмови ќе заработуваат солидно, а една од целите им беше и регрутирање нови луѓе.

Една година подоцна, измамите во интернет-просторот, особено на социјалните мрежи, се повторно актуелни, но сега со развојот на вештачката интелигенција, односно нејзината злоупотреба, измамите се сѐ пософистицирани и корисниците тешко ги препознаваат.
Растат измамите на интернет, од лажни известувања дека има пратка што може да се следи со еден клик, измами со неверојатна можност за заработка, понуди за работа и понуди за отворање профитабилен бизнис.

За тоа кои се најраширените измами во интернет-просторот, колку луѓето наседуваат на нив, колку нашите лични податоци се загрозени и како треба да се реагира кога ќе се најдеме во такви ситуации, Факултети.мк разговараше со Божидар Спировски, експерт во областа на сајбер-безбедноста, посветен на подигнување на свеста за ризиците што демнат во дигиталниот свет.

Кои се најраширените измами во интернет-просторот, особено на социјалните мрежи?

Ги има безброј, и веќе се многу пати објаснети. Две техники се многу актуелни:
- Се имитира голем и познат бренд кој дава производи за смешни суми или се открива некоја тајна за купување евтин производ. Се крадат броеви на картички и лични податоци, и се наплатуваат средства.
- се имитираат телевизии или информативни организации како МИА и имиња и фотографии на политичари за да се креира лажна приказна за „инвестирање” која мора да е вистина бидејќи изгледа како да е на вести. Секако, веб-страницата, текстот и фотографиите се лажни. Се убедуваат жртвите да користат некакви (секако лажни) платформи за тргување со криптовалути со наводен огромен профит, ама секако жртвата мора да внесе свои пари. Колку повеќе пари ќе внесе, толку повеќе ќе добие. Додека не сфати дека е измамена.
Забележувам тренд на нелегална промоција на апликации за коцкање маскирани како едноставни игри. Целта е да се примамат и деца да почнат да се коцкаат. Одвреме-навреме ќе се појават и апликациите во кои се „заработува“ со исполнување едноставни задачи, ама секако прво треба да внесете ваши пари. Веќе го имавме скандалот Конти со точно ваков тип измама.

Какви измами има кај нас во Македонија, колку луѓето наседнуваат на нив?

- Измамите од погоре нѐ афектираат и нас, сите овие измами се глобални и се шират преку интернет. Немаат физичка граница, особено со користењето на вештачката интелигенција денес е бескрајно лесно да се преведе и локализира измамата за Македонци. За жал, многу луѓе се измамени, редовно добивам пораки дека некој наседнал, уплатил, вложил и прашуваат што да прават.
Имаме една серија на измами врзани со нашите портали за огласи. Криминалците контактираат продавачи на што било, тврдат дека се од далеку (поради некоја причина често велат дека се од Гевгелија) и ветуваат дека веднаш ќе го купат тоа што се продава без пазарење, ама имаат посебна логистичка фирма и посебен процес за испорака. Праќаат некаква слика која треба да биде од наши локални доставни фирми, како Карго експрес, Еко логистик и други со чудни чекори, а потоа и линк до „портал” на кој жртвата треба нешто да плати за процесирање, ама криминалецот ветува дека тоа ќе биде вратено веднаш. Секако, се крадат бројот на картичката и личните податоци и се наплатува од картичката.



Граѓаните како да не се свесни за измамите на интернет, постојано коментираат на тоа што го бараат измамниците на оние лажни групи. Зошто е ова практика кај нас?

- Најпрво да појасниме - ОГРОМЕН број од коментарите на објавите што се измама се лажирани. Самите криминалци ги генерираат од лажни профили за на жртвите да им изгледа дека навистина има интерес. Техниката е позната како „доказ на општеството“ (social proof) и сака да ја убеди жртвата дека мора да е вистинито кога има толку реакции. Секогаш има некој кому приказната и лажните коментари ќе му изгледаат доволно примамливи. Многу често се работи за надеж дека овој пат ќе биде поинаку и дека ќе се заработи нешто. Затоа и се трудам редовно да едуцирам на оваа тема бидејќи има луѓе кои предоцна ќе препознаат дека ако нешто е премногу добро да биде вистинито, не е вистина.

Колку нашите лични податоци се изложени на ризик од евентуална злоупотреба на интернет?

- Постојано. Најголем дел од нас веќе ги имаат оставено своите лични податоци на интернет на секакви можни портали, платформи и веб-страници. И најголем дел од тие страници биле хакнати (независно од нас) и украдените податоци се продаваат и препродаваат. Така добиваме редовен спам иако не сме оставиле е-адреса или ни ѕвонат на телефон иако не сме оставиле број. Најновиот тренд на ризик е барањето на разни портали и социјални мрежи да им се приложи слика од личен документ за потврда на идентитет. Тоа значи дека и сликата од личната карта ќе истече и потоа може да биде злоупотребена. Ова веќе му се случи на Discord, документи од барем 70.000 луѓе се украдени. Замислете потоа колку е лесно со таа слика од лична карта некој да земе кредит во ваше име кај лихвар кој замижува на правилата за лична идентификација.

Често криминалците користат познати брендови на фирми за да организираат наградни игри. Инвестираат ли компаниите во заштита од измами со цел да не им се злоупотребува името?

- Ова е прашање за компаниите, но сметам дека нема начин компаниите да го спречат овој криминал. Криминалецот ќе генерира лажна акција независно од компанијата која ја имитира и по само 3-4 дена ќе ја уништи, откако ќе украде доволно. Потоа ќе направи друга акција за друга компанија. Со тековното количество на содржини што се генерираат дневно речиси е невозможно да се видат ваквите паралелни акции.



Како да се заштитиме од онлајн измами?

- Заштитата е иста за која било измама бидејќи измамата има иста техника без разлика дали е дигитална или лице в лице. Секогаш се обидува да манипулира со нашите емоции и да нѐ натера на брза (и често погрешна) одлука.
Прашајте се зошто го добивам ова? Сите измами почнуваат со неочекувана порака, повик, текст на социјални мрежи кој не сте го барале, ама ви го тупнале пред очи.
Не брзајте. Ако нешто се бара да биде итно направено, најчесто е измама.
Не верувајте на слики, видеа или текстови кои се даваат како доказ. Денес секоја содржина може да биде лажирана. Потврдете независно, јавете се директно во компанијата/организацијата од официјален контакт број (не од лажниот пост).
Ако нешто е премногу добро да биде вистинито, ЛАГА Е.
Никој не сака да ви даде пари. Ниедна банка или институција не ви се јавува да ви каже дека треба да земете пари.
Не постои тајна за многу пари бидејќи да постоеше, немаше да ви ја нудат. Единствено ви ја нудат ако тајната е да ги земат вашите пари.
Не сте толку привлечни за многу убаво лице да ве контактира и да ве шармира.

Дали има измами во кои може да се ризикува или да се загрози човечкиот живот?

- Да, иако не се дизајнирани да загрозат живот, имаат токму таков ефект. Најчесто тоа се sextortion измамите, во кои жртвите се шармираат од лажен идентитет на социјална мрежа и потоа се убедуваат да имаат интернет секс, односно да пуштат камера додека се голи и се задоволуваат. Криминалците ги снимаат овие видеа и потоа ја уценуваат жртвата дека видеото ќе им биде пратено на блиски луѓе. Има многу случаи во кои жртвата од срам, притисок и страв од осудата на блиските и општеството се самоубила.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема