Граѓаните споделуваат искуства дека биле изненадени кога им било соопштено дека треба да платат и за тоа што нивниот стоматолог, додека ја вршел стоматолошката интервенција, носел дополнителна заштитна опрема, како маска, ракавици, скафандер и штитник за очите и лицето. Во кои случаи може да наплаќаат за опрема, прашавме во Стоматолошката комора на Македонија
Граѓани се жалат дека освен што треба да платат за интервенција на забите, треба да ја доплатат и заштитната опрема за Ковид-19 што ја користат стоматолозите при работата и при лекувањето на пациентите. На социјалните мрежи споделуваат искуства дека биле изненадени кога им било соопштено дека треба да платат и за тоа што нивниот стоматолог, додека ја вршел стоматолошката интервенција, носел дополнителна заштитна опрема, како маска, ракавици, скафандер и штитник за очите и лицето, кои се препорачани како соодветна заштита од коронавирус за сите здравствени работници.
Бараат одговор на прашањата дали ваквата постапка на стоматолозите е законска и етичка и зошто мораат да го прават тоа, кога и така за наши стандарди наплаќаат висока цена за нивната услуга.
Нивните дилеми одат и во насока дали корона-кризата во земјата наметна нови правила во функционирањето во стоматолошките ординации.
300 денари повеќе
Така, пациентка била зачудена кога стоматологот ѝ рекол дека покрај основната услуга, за заштитна опрема треба да доплати уште 300 денари.
- Докторката ми рече: лек 300 денари, инјекција 200 денари и за заштита уште 300 денари. Се зачудив што значи тоа заштита, ја прашав и ми рече дека сега наплатуваат плус за опремата што ја носат за секој пациент поединечно. Не знаев како да реагирам, не знаев дали така е правилно или не, па затоа решив да прашам тука, на социјалните мрежи, каква е практиката кај другите стоматолози - пишува пациентката.
На нејзиниот коментар се надоврзуваат граѓани што имале иста ситуација и им било наплатено за дополнителна заштитна опрема.
- Мојот стоматолог ми посочи дека целиот потрошен материјал им е поскапен. Пломба ме чинеше 1.000 денари - пишува друга пациентка.
Има и такви на кои стоматолозите воопшто не им споменале за заштитна опрема, ја носеле, а цените биле исти како и претходно.
- Сите дома одиме во ординација во Ново Лисиче, Скопје. Штом беше отворена летово, по паузата поради короната, лекарите поставија нови правила за однесување. Се дезинфицираат чевлите, се облекуваат калјачи при влез, маската е задолжителна, ако си со дете, доколку е неопходно, влегува само еден родител, рацете мора да се дезинфицираат... Тоа ни се матични стоматолози, одевме неколку пати во текот на пандемијата и сите сме безбедни. Меѓу двајца пациенти се прави пауза кога се дезинфицираат опремата и околината, а заштитени се и лекарите и сестрата - вели Емил З..
Короната наметна нови правила на заштита, но и нови цени
Дополнителната наплата од страна на некои стоматолози доби многу критики. Но, дел од пациентите ги оправдуваат повисоките суми и велат дека во овој период стоматолозите се најизложени на опасност од зараза со коронавирусот.
- Државата не обезбедува целосна заштитна опрема за сите категории здравствени работници. Стоматолозите имаат контакт со плунката на пациентите и нивната работа е ризична, затоа и користат целосна опрема која е скапа - посочуваат други.
Неколку стоматолози велат дека има оправданост за наплата на заштитната опрема.
- Претходно требаше да носиме само маска, а сега треба визир и скафандер. Претходно опремата се стерилизираше, а сега се фрла. Пред да седне на стоматолошкиот стол пациентот треба да направи тоалета на усната празнина и да направи уште неколку превентивни мерки што се дополнителен трошок за секој стоматолог. Сето ова е за да се заштитат и докторот и пациентот, и нивните семејства – посочува лекар.
Приватните стоматолози сами одредуваат цени
Во кои случаи може да наплаќаат за опрема, прашавме во Стоматолошката комора на Македонија. Маријан Денковски, доктор по стоматологија и претседател на комората, вели дека не е запознаен со практиката на дел од стоматолозите да им наплаќаат на пациентите за заштитната опрема од Ковид-19 која ја носат еднократно при интервенција на нивните заби.
Но, потенцира дека приватните стоматолози, кои немаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување и не се избрани за матични лекари од одреден пациент, сами одредуваат колку, како и што ќе наплатат за нивните услуги.
- Стоматологијата, како здравствена дејност, во земјава главно е приватна. Поголемиот број од стоматолозите имаат склучено договор со Фондот за здравство и можат да бидат избрани како матични стоматолози. За нив важи ценовникот кој е утврден од Фондот за здравство. Во тој случај пациентите што се лекуваат кај нив, а воедно имаат уредна документација и ги избрале за матични стоматолози, цената на услугата ја плаќаат исклучиво според тој ценовник. Ако таков стоматолог наплаќа услуга надвор од тој ценовник, во случајов за тоа што се носи дополнителна заштитна опрема при лекување на пациентот, треба да се пријави кај контролорите во Фондот за здравство, зашто тоа не е дозволено - посочува доктор Денковски.
Но, ако тоа го прави стоматолог кој нема склучено договор со Фондот или, пак, не е избран за матичен лекар од страна на пациентот, има право да одреди приватна цена за одредена услуга и истата да ја наплати. Исто така, може да се наплати ако пациентот избира нестандардна услуга, според Денковски, па стоматологот кој има договор со ФЗО има право да одреди приватна цена за тоа.
- Секој приватен стоматолог одредува своја цена за услугите за приватно лекување. Тоа е пазарна економија -посочува претседателот на Стоматолошката комора.
Сепак, посочува дека за разлика од земјите во регионот, па дури и во светот, во нашата земја стоматолошките услуги имаат најниска цена.
Според податоците на Стоматолошката комора, во земјава има 1.600 општи стоматолошки ординации, од кои 1.150 имаат договор со Фондот за здравство.