X
 12.12.2017 Живот

На која возраст децата најмногу страдаат поради разводот на родителите?

Разводот на бракот не е нешто што се планира, но ако односот меѓу сопружниците стане премногу тежок, болен и штетен, разводот честопати е единственото решение, дури и кога се комплетно свесни дека таквата ситуација неминовно ќе влијае врз детето.

Многу двојки остануваат во лош брак само заради децата или чекајќи ја „најдобрата возраст“ кога детето ќе може најлесно да го прифати нивното разделување, но постои ли воопшто возраст која би била најдобра кога станува збор за овој проблем?

Се чини дека таква возраст сепак постои.

Според детскиот психолог доктор Скот Керол, кога се работи за децата и разделувањето на нивните родители, неминовно е дека децата ќе страдаат, а единствена возраст на која можеби најмалку ќе го сфатат проблемот е возраста до две, максимум три години. „Но треба да знаете дека дури и двегодишните деца ќе забележат дека нешто се случува и ќе бидат свесни за промените на емоционално, а не само на когнитивно ниво. Особено ако еднакво се приврзани кон двата родители“, вели Керол.

Ако зборуваме за периодот по третата година, траумата секако ќе биде поголема затоа што децата тогаш имаат сеќавања и делумно можат да сфатат дека нешто се случува, а колку што е детето постаро, толку ситуацијата ќе биде потрауматична, „особено на возраст од околу 11 години“, тврди овој стручњак.

Дотогаш детето веќе проживеало добри десет години со двајцата родители, развило длабок однос со нив, ја сфатило важноста на семејството, но децата тогаш сè уште не се самостојни и премногу се егоцентрични, па секој проблем меѓу родителите што ќе биде поврзан со нивниот развод ќе го сфатат многу потешко, со повеќе интернализирани проблеми во кои спаѓаат повлекувањето во себе, соматски тешкотии, депресија.

„Самиот развод не е најтешкиот дел“, објаснува Керол. „Најтешкиот дел е конфликтот што настанува во текот и по разводот“.

Тој конфликт станува особено штетен ако се случува пред децата, кога родителите се караат и без контрола се напаѓаат меѓусебно или, пак, едниот од нив пред децата зборува лошо за другиот. „Во екстремни случаи, кога родителите постојано се судираат пред децата, разводот би можел да биде дури и корисен“.

Но, како што веќе истакна, самиот развод не е најлошата работа на светот, дури ниту за деца на возраст околу пубертетот. Траумата станува полоша кога еден од родителите по разводот буквално престанува да биде родител. Тогаш децата најмногу страдаат затоа што им се чини дека со заминувањето на еден од родителите почнуваат да губат и еден дел од себе. Особено ако родителот одлучи да ги прекине контактите. „Нема ништо полошо за децата од таквата ситуација“, вели Керол и додава: „Ако сакате да го депримирате детето или да го направите крајно несреќно, погледнете што се случува кога родителот нема да се појави во договореното време на состанок“.

Тоа е тесно поврзано со егоцентричните тенденции на детето, поради кои е нормално и природно да почне да се преиспитува: „Што не е во ред со мене, каде погрешив?“

Меѓутоа, работите се менуваат кога децата ќе влезат во тинејџерска возраст. Со пубертетот тие почнуваат критички да размислуваат и сè повеќе се стремат кон сопствена самостојност и пронаоѓање на сопствениот идентитет, кој веќе не е толку длабоко поврзан со семејството, па со самото тоа и родителите не им се веќе неопходни како порано.

„Кога еднаш детето ќе влезе во пубертет, ќе може подобро да го разбере и да го прифати разделувањето на родителите, а понекогаш и тоа се залага за развод отколку да „преживее“ бракот со многу штетни последици врз сите“.

Но, важно е да се знае дека децата, колку и да се индивидуалци, неминовно ќе страдаат и ќе им треба период за да се навикнат, кој обично трае околу една година, во зависност од тоа колку родителите ќе се потрудат да им го олеснат периодот на децата и таа промена да ја направат на позитивен начин.

Затоа родителите мора да знаат дека тие се единствените родители на своите деца и дека разводот не ги прави помалку родители, туку само родители што живеат на различни адреси.

Родителот не престанува, ниту смее да престане да биде родител и по разводот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот