X
 13.02.2025 Наука

Зошто се зголемува бројот на случаи на рак на белите дробови кај жени што никогаш не пушеле?

Случаите на рак на бели дробови кај луѓе што никогаш не пушеле, особено кај жените, се во пораст, покажува ново истражување на Светската здравствена организација.

Најчестиот тип рак кај непушачи е рак на белите дробови, кој сочинува речиси 60 отсто од случаите кај жените, во споредба со 45 отсто кај мажите.

Во 2022 година низ целиот свет биле дијагностицирани 2,5 милиони нови случаи на рак на бели дробови – што е пораст од 300.000 случаи од 2020 година. Истражувањата укажуваат дека фактори како загадениот воздух, генетската предиспозиција и имунолошките реакции можат да придонесат за овој пораст.

Генетски мутации – клучен фактор

Еден од најзначајните ризици за рак на бели дробови кај непушачите се генетските мутации, особено оние во генот EGFR. Овој ген игра важна улога во растот и делбата на клетките, но неговите мутации можат да доведат до неконтролирано размножување на клетките и формирање тумори.

Кај азиските жени што не пушат овие мутации се присутни во 50 отсто од случаите на рак на бели дробови, додека кај западните жени се појавуваат во 19 отсто од случаите – во споредба со 10-20 отсто кај мажите што не пушат.

Исто така, и други генетски мутации, како оние во гените ALK и ROS1, се поврзуваат со рак на бели дробови кај непушачите. Овие мутации почесто се среќаваат кај млади жени, особено во Азија.

Дополнително, хормонот естроген може да влијае врз растот на туморите. Некои истражувања покажуваат дека жените што примаат хормонска терапија имаат помал ризик од рак на бели дробови, што сугерира дека природните циклуси на естроген можат да обезбедат одредена заштита.

Сè повеќе докази укажуваат дека изложеноста на ситни честички во воздухот, познати како ПМ2,5 може да биде причина за генетските мутации кај непушачите. Овие микроскопски честички (со големина од 2,5 микрометри или помали) лесно продираат во белите дробови и предизвикуваат воспаленија кои можат да поттикнат развој на рак.

Жените можеби се поранливи на овие загадувачи поради разликите во градбата на нивните бели дробови. Тие имаат потесни дишни патишта од мажите, што може да доведе до задржување на поголем број штетни честички.

Дополнително, жените се почесто изложени на загадување во затворени простории – на пример, од штетни гасови при готвење или загревање на домот. Работењето во текстилната индустрија, козметички салони и болници исто така значи поголема изложеност на токсични хемикалии кои можат да го зголемат ризикот од рак на бели дробови.

Хронично воспаление и имунолошки реакции

Освен генетиката и загадувањето, хроничните воспаленија се уште еден фактор што може да го објасни зголемувањето на случаите кај жените. Жените се поподложни на автоимуни болести, како ревматоиден артритис и лупус, кои можат да доведат до воспаление на белите дробови.

Долготрајните воспалителни процеси можат да предизвикаат оштетување на ткивата и мутации во ДНК, што го зголемува ризикот од развој на рак.

Дополнително, новите истражувања укажуваат дека хуман папилома вирусот (ХПВ) може да има улога во развојот на рак на бели дробови кај жените, што отвора нови прашања за потенцијалните причини и начини за превенција.

Подобро разбирање на овие фактори ќе помогне во раното откривање на болеста, развојот на поефикасни терапии и подобрување на стратегиите за превенција.

Извор: Theconversation.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука