X
 13.02.2026 Живот

Обложувалници треба да му вратат над 4 милиони евра на играч: Знаеле дека губи и дека има проблем

Судот им наложи на две обложувалници од шведската групација „Бетсон“ да му вратат речиси 4,4 милиони евра на еден играч. 

Иако компаниите знаеле дека играчот има сериозни проблеми со коцкање и остварува големи загуби, го поттикнувале да продолжи да игра. Затоа договорите може да се прогласат за неважечки, стои во пресудата.

Во периодот од 2016 до 2019 играчот склучил илјадници договори со обложувалниците „Ен-џи-џи нордик лтд“ и „Би-ем-ел груп“ за игри на платформата „Нордик бет“, со која управува „Бетсн“. Во тие три години тој уплатил 56 милиони евра.

Компаниите собирале детални податоци за неговите модели на играње и загубите. Но, и покрај сознанијата за неговите проблеми, му било понудено ВИП-членство и бонуси за да продолжи да игра.

Судот смета дека тоа придонело играчот три и пол години да се занимава со ризични онлајн игри. Заклучокот е дека сите договори се прогласуваат за неважечки бидејќи, според Законот за облигациони односи, се склучени спротивно на совесноста и чесноста.

„Би-ем-ел груп“ мора да врати 404.000 евра загуби од игри, додека „Ен-џи-џи Нордик“ мора да врати речиси 37.600 евра.

Пресудата се потпира на одлука од Врховниот суд од 2025 година за одговорноста на обложувалниците. Податоците за играње што покажуваат дека играчот уплаќал многу големи суми, играл многу игри дневно и вложувал сè поголеми износи за да ги надомести загубите може да се сметаат за јасни знаци дека лицето изгубило контрола врз коцкањето.

Ако компаниите насочуваат наметливо рекламирање кон лица во таква ранлива положба, договорите може да се прогласат за неважечки, според одлуката на Врховниот суд.

Од „Бетсон груп“ изјавиле дека постојано работат на обезбедување одговорно играње на корисниците и нагласуваат дека имаат строги процедури за тоа.

Во мај 2023 случајот бил разгледан во Окружниот суд во Упсала. Таму обложувалниците биле ослободени и не морале да му ги вратат парите на играчот.

- Забележуваме дека судот донел поинаков заклучок од првостепениот суд и размислуваме за поднесување жалба, но прво мора детално да ја анализираме одлуката - наведуваат од „Бетсон груп“.

Мадлен Тигел, претседателка на Сојузот за зависност од коцкање, смета дека пресудата претставува важен преседан и потврдува дека обложувалниците се одговорни за своето рекламирање.

- Се надевам дека ова ќе испрати порака до обложувалниците да ја сфатат важноста на почитувањето на прописите и законодавството што навистина постои - изјавила таа.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот