X
 22.08.2023 Живот

Со измама извлекле 23 милиони долари од „Јутјуб“, па завршиле в затвор

На крајот од 2021 година американското Министерство за правда покрена процес против двајца американски државјани поради голема измама организирана да му наштети на „Јутјуб“. 

Вебстер Батиста Фернандез и Хозе Теран откриле дека „Јутјуб“ им плаќа авторски права на сопствениците на авторски права за монетизирана содржина, но и дека постои дупка во неговиот систем против пиратерија.

Имено, кога некој прикачува содржина на „Јутјуб“ за која нема обезбедени права, оригиналниот сопственик на правата може да спречи злоупотреба на два начина: со блокирање на туѓи видеа или со нивна монетизација за своја корист. Фернандез и Теран успеале да го надмудрат „Јутјуб“ и да се претстават како легитимни сопственици на авторски права на туѓи содржини, и последователно добиле авторски права. Тоа го направиле навидум легално, преку нивната компанија „Медијамув“ и преку партнерство со друга компанија, со седиште во Доминиканската Република, која била легитимен учесник во програмата за монетизација на „Јутјуб“.

Тие успеале да го искористат т.н. „контенд ај-ди“ метод на измама, па пријавувале „неовластено“ користење на содржини на „Јутјуб“ за кои се претставувале како оригинални носители на правата. Станува збор за  повеќе од 75.000 песни за кои тие добивале хонорари низ годините, без всушност да имаат никаква врска со авторството. За ваква содржина „Јутјуб“ им платил повеќе од 23 милиони долари, од кои тие најголемиот дел го задржале за себе, па живееле раскошно и луксузно. При нивното апсење, на пример, биле пронајдени скапи куќи, луксузни автомобили и банкарски сметки со милиони.

Судскиот процес против нив заврши на крајот од јуни, а во меѓувреме и двајцата ја дознаа својата судбина. Теран беше осуден на комбинирана казна од 70 месеци затвор, со три години последователно условно ослободување, додека Фернандез ќе помине 46 месеци зад решетки, со уште три дополнителни години засилен надзор потоа.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот