X
 13.05.2025 Живот

Над 80 кутии полни со нацистички документи пронајдени во подрумот на Врховниот суд на Аргентина

Судските службеници во Врховниот суд на Аргентина откриле повеќе од 80 кутии со документи од нацистичката ера, кои влегле во земјата во 1941 година и останале скриени повеќе од осум децении во подрумот на Палатата на правдата.

Извонредното откритие, наводно направено за време на подготовките за идниот музеј на Судот, вклучува пропагандни материјали, членски книшки, како и лични записи поврзани со Националсоцијалистичката германска работничка партија и придружните организации.

Се очекува колекцијата да фрли светлина врз улогата на јужноамериканската земја за време на Втората светска војна и да открие како нацистичкото влијание се проширило надвор од Европа. Службениците веруваат дека документите може да помогнат и во пронаоѓањето врски со меѓународните пропагандни напори и финансиските операции поврзани со нацистичкиот режим, и за време и по војната.

Заборавени кутии во подрумот на судот

Според претставниците на Врховниот суд на правдата, неочекуваното откритие е направено додека работниците го расчистувале подрумот на зградата, при подготовка за преместување на архивите во новопланираниот музеј на Судот.

Откако отвориле една од кутиите - вкупно 83 стари гајби шампањ кои ја разбудиле нивната љубопитност - работниците се вџашиле кога нашле материјали насочени кон ширење на националсоцијалистичката идеологија за време на Втората светска војна.

По обезбедувањето и прегледувањето на досиејата, претседателот на Врховниот суд, Хорацио Росати, потврдил дека тие пристигнале во Аргентина на 20 јуни 1941 година, на јапонскиот пароброд „Нан-а-Мару“, испратен од германската амбасада во Токио.

Иако германската амбасада ја пријавила пратката како личен имот за дипломатскиот персонал, царинските власти ја пресретнале во тоа време, наведувајќи загриженост за невообичаено големиот обем и потенцијално чувствителната природа на нејзината содржина. Потоа, случаен преглед потврдил присуство на нацистичка пропаганда, што предизвикало поширока истрага од страна на Специјалната комисија на Аргентина за антиаргентински активности.

И покрај дипломатскиот притисок од Германија за враќање на пакетите, комисијата го поднела прашањето до суд, каде што федералниот судија Мигел Лучијано Јантус издал наредба за запленување на материјалите на 13 септември 1941 година. Неколку дена подоцна, случајот бил упатен до Врховниот суд поради неговите меѓународни импликации, каде што кутиите останале заборавени.

Во тек е експертска проверка


Сега, во соработка со Музејот на холокаустот во Буенос Аирес, тим од историчари, архивари и експерти за зачувување направил педантен инвентар на материјалите, со цел детално да го документира, анализира и процени нивното историско значење.

Откритието следува по потпишувањето договор за соработка помеѓу Врховниот суд, Здружението на еврејски адвокати на Аргентина и Фондацијата за сеќавање на холокаустот, во декември 2024 година. Договорот треба да поддржи истражувачки и образовни иницијативи поврзани со сеќавањето на холокаустот и правдата.


По Втората светска војна многу високорангирани нацистички бегалци, вклучувајќи ги Адолф Ајхман и Јозеф Менгеле, нашле засолниште под режимот на Хуан Перон. Процените се дека до 10.000 нацисти и други фашистички воени злосторници избегале од правдата, бегајќи во Аргентина и други земји по војната.

Извор: interestingengineering.com

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот