X
 13.06.2025 Живот

Најсмртоносните авионски несреќи во историјата на човештвото

Смртта на повеќе од 290 лица при падот на авион на „Ејр Индија“ ги вознемири луѓето низ светот. Станува збор за најголемата авионска несреќа во последнава деценија и една од најтешките во историјата.

Последната несреќа на индиска територија се случила во 2010 година. Тогаш, авион на „Ејр Индија“ што полетал од Дубаи се урнал при слетување во Бангалор, на југот на Индија. Во несреќата загинале 158 патници, а осум лица успеале да преживеат извлекувајќи се од остатоците на авионот.

Во 1996 година летот 763 на компанијата „Сауди Арабијан ерлајнс“ се судрил во воздух со летот 1907 на „Казахстан ејрлајнс“, близу Њу Делхи. Во двата авиони загинале вкупно 349 лица, што ја прави оваа несреќа најсмртоносна во историјата на воздухопловството.

Од 2000 година наваму во светот се регистрирани шест авионски несреќи со повеќе од 200 загинати патници.

Последната од тие трагедии се случила во април 2018 година, кога воен авион на алжирската армија се урнал недалеку по полетувањето од база на југот на Алжир. Загинале 257 луѓе, главно војници и членови на нивните семејства.

Несреќата во Индија се случува во време на силен пораст на воздушниот сообраќај во земјата. Континуираниот економски развој и растечката средна класа ја претворија Индија во третиот најголем пазар за внатрешен воздушен сообраќај, веднаш по САД и Кина.

Најсмртоносни авионски несреќи во историјата


Тенерифе, Шпанија (1977) - судир на два авиона „боинг 747“ на пистата во густа магла. Загинаа 583 луѓе, што ја прави оваа несреќа најсмртоносна во историјата на цивилното воздухопловство.

„Џапен ејрлајнс“, лет 123 (1985)
- поради механички дефект, авионот „боинг 747“ се урна во планински предел во Јапонија. Загинаа 520 лица.

Чарки Дадри, Индија (1996) - судир во воздух меѓу саудиски „боинг 747' и казахстански „илјушин ил-76“. 349 луѓе загинаа.

„Туркиш ејрлајнс“, лет 981 (1974) - поради дефект на вратите од товарниот дел, авионот „мекдонел даглас ди-си-10“ се урна во шума во Франција. Загинаа сите 346 патници и членови на екипажот.

„Саудија“, лет 163 (1980) - пожар во патничката кабина на „локхид Л-1011 тристар“ доведе до смрт на сите 301 патник и членови на екипажот по присилно слетување.

„Малезија ејрлајнс“, лет MХ17 (2014)
- „боинг“ 777 беше соборен со проектил над Источна Украина. Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.

„Иран ејр“, лет 655 (1988)
- американски воен брод по грешка собори „ербас“ A300 над Персискиот Залив. Загинаа 290 луѓе.

Иран, „Илјушин Ил-76“ (2003) - воен транспортен авион се урна во планинска област во Иран. Животот го загубија 275 лица.

„Американ ејрлајнс“, лет 191 (1979) - „мекдонел даглас ди-си-10“ се урна веднаш по полетувањето од Чикаго. Загинаа 273 лица, што ја прави оваа несреќа најсмртоносна во историјата на САД.

„Ејр Индија“, лет 182 (1985)
- „боинг 747“ експлодира над Атлантскиот Океан поради бомба. Загинаа сите 329 патници и членови на екипажот.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот