X
 13.06.2025 Живот

Од Шарм ел Шеик до Саудиска Арабија - ќе се гради мост над Црвеното Море

По повеќегодишна пауза, проектот за изградба на мост меѓу Египет и Саудиска Арабија добива нов момент. Египетските власти потврдиле дека фазите на планирање се завршени и дека преминувањето преку Црвеното Море - или во форма на мост или тунел - е подготвено за изградба. Како што пишува „Ројтерс“, овој брз пат би го поврзал ’ртот Рас ал-Шеик Хамид во Саудиска Арабија со одморалиштето Шарм ел Шеик во Египет, преминувајќи го Тиранскиот Проток.

Иако конечната одлука за видот на објектот сè уште не е донесена, се разгледуваат две варијанти: мост со висечки или засводени сегменти, како и подводен тунел со сегментно склопување.

Мост долг 7 километри

Доколку се донесе одлука за мост, неговата вкупна должина веројатно ќе биде околу 7 километри, имајќи ги предвид ширината на Тиранскиот Проток, локалната топографија и потребата од навигациски мерачи поради присуството на поморски сообраќај во Акапескиот Залив. Структурата би требало да обезбеди минимален пловен профил од околу 65 метри во висина под главниот распон, со цел да се овозможи премин на товарни и патнички бродови.

Во случајот со варијантата со тунел, се разгледува потопен префабрикуван тунел (тунел со потопени цевки), кој би се спуштил во сегменти и би се монтирал на претходно подготвена основа на морското дно. Вакви решенија биле користени, меѓу другото, во тунелот помеѓу Данска и Шведска (тунелот Ересунд).

Очекуваниот буџет е четири милијарди долари

Се очекува овој инфраструктурен проект да чини околу 4 милијарди долари и ќе биде финансиран од Саудиска Арабија. Проектот треба да го надополни контроверзниот саудиски гигапроект „Неом“, кој се наоѓа покрај Црвеното Море.


Најпознатиот дел од проектот „Неом“ е Линијата (The Line), мегаград кој треба да се состои од два паралелни облакодери високи по 500 метри, кои ќе се протегаат на должина од 170 километри. Сепак, климатскиот советник на проектот „Неом“, Доналд Веблес, неодамна предупредил дека обемот на проектот  може да влијае врз локалните временски услови.


Што се однесува до проектите во Египет, фокусот на светската јавност е сè уште изградбата на новиот административен главен град, кој се појавува 45 километри источно од Каиро и е планиран да смести 6,5 милиони луѓе.

Извор: gradnja.rs

Фото: Freepik/Wikipedia

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот