X
 13.07.2021 Живот

Животната приказна на Мате Римац: Од просечен ученик до првиот човек на „Бугати“

Соништата на Мате Римац се остваруваат. Минатиот месец тој го претстави првиот хрватски сериски автомобил за кој сонувал пред десет години кога тргнал на ова „невозможно“ патување, а неодамна објави и дека ја презеде компанијата „Бугати“.

Сега, создадена е нова компанија со седиште во Хрватска, наречена „Бугати Римац“, а нејзиниот главен извршен директор ќе биде Римац.

Сепак, многу Хрвати беа скептици за неговиот успех, па често знаеја да кажат дека неговиот татко му помага финансиски и дека Римац продава магла. Но, некои факти се незанемарливи, па така „Проше“ го зголеми својот удел во компанијата на Мате Римац од 10 на 24 отсто за три години, а компанијата „Римац автомобили“ гради нов кампус за 2.500 вработени, го претстави својот нов автомобил „невера“, кој е првиот сериски автомобил што ќе се произведува во Хрватска и воедно првиот хрватски електричен автомобил. И секако, најновата вест, од неодамна, Римац го презеде „Бугати“.

1
Фото: Instagram

- Римац е претприемач кој ја следи својата визија и ќе ја истурка докрај. Тие што го критикуваат, ако беа на неговото место, ќе ја продадеа компанијата, ќе заработеа пари и ќе живееја на Бахамите. Римац никогаш не беше заинтересиран за тоа, ниту некогаш би го направил тоа - вели хрватскиот претприемач Саше Цветојовиќ, кој одбил да инвестира во компанијата на Римац, признавајќи подоцна дека му е жал што изгубил многу пари.

Мате Римац е роден во 1988 година во Ливно како најголемо од трите деца. Како и многу жители на Ливно, неговите родители работеле во Франкфурт, Германија. Татко му Иван бил градежен работник, а мајка му Зденка чистела хотели. Кога се родила сестрата на Мате, нивната мајка дала отказ и продолжила да се грижи за семејството како домаќинка. Во 2000 година тие дошле да живеат во Хрватска, во Самобор, каде што таткото на Мате ја водел успешната градежна компанија „Римац“, која градела големи објекти. Но, неговиот син бил заинтересиран за електротехника и автомобилизам. Според неговите тврдења, Мате бил просечен ученик на училиште.

2
Фото: Instagram

Средното образование Мате го продолжил во стручното училиште во Самобор, кое комбинира компјутерски науки, машински инженеринг и електротехника. На општинските и на државните натпревари по електротехника Мате секогаш освојувал прво место. Подоцна, на престижните натпревари за иноваторство во Белгија, Германија, Јужна Кореја и во Швајцарија, Мате освоил златни и сребрени медали.

Инспириран од генијот Никола Тесла, Мате од своето „бе-ем-ве“ успеал да направи електричен спортски автомобил со кој сакал да ги победи бензинските конкуренти на трките. Ова предизвикало интерес кај кралското семејство од Обединетите Арапски Емирати. Еден член од кралското семејство сакал да нарача два автомобили од Римац, но Римац му рекол дека автомобилите ќе бидат готови за десет години, бидејќи нема пари. Кога му било понудено да биде инвестирано во неговата компанија, условот бил да го пренесе бизнисот во ОАЕ. Мате одбил, но сепак во 2009 година ја основал компанијата „Римац автомобили“, која броела 20 вработени. Тогаш сфатил дека неговиот бизнис може да успее, но немал финансиски средства. Неговиот татко му помогнал.

- Татко ми ми даде заем што го вратив до последната пара. Без него јас не би бил мнозински сопственик на компанијата, ниту компанијата би била во Хрватска - објаснува Римац.

3
Фото: Instagram

Набрзо дошле успесите и наградите, а пред четири години Мате се најде на престижната листа на „Форбс“ со најуспешни млади луѓе под 30 години, а потоа и на листата со најуспешни млади претприемачи и идни милијардери во Источна Европа.

Претприемачот, кој има само 33 години, а на кого му се воодушевува целиот свет, за помалку од десет години заработи над 130 милиони евра. Освен што се истакнува во деловниот свет, среќата го следи и во приватниот живот. Со Катарина Ловриќ се ожени во мај на интимна церемонија со семејството и пријателите.

rimac
Фото: Instagram

- Со Мате се запознавме преку неговиот братучед Анте, во Ливно. Поточно пред една продавница од која мојот дедо секогаш во недела ми купуваше слатки - вели Катарина.

- Кога некој ќе ме праша какво е чувството да се вози 200 километри на час, срам ми е да кажам дека за мене тоа е нормално и дека немам страв. Отсекогаш сум била зависник од адреналин. Компанијата рапидно расте, сега сме повеќе од илјада, а јас и Мате одлично се справуваме и во бизнис-светот и во приватниот живот. Јас имам свој оддел во компанијата и му одговарам на мојот шеф, а тоа не е Мате. Мојата канцеларија е во Загреб, а неговата во Света Недела. Едвај се гледаме во текот на неделата. Не можам да замислам да работам на друго место - вели Катарина, додавајќи дека едвај го чека нивниот меден месец, затоа што нивните патувања секогаш се деловни.

Извор: Gloria.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот