Има само 16 години, а веќе е светски првак во оваа дисциплина во јуниори откако овој месец во Париз ги претрка преостанатите 18 натпреварувачи и се закити со злато
Шеснаесетгодишниот Дарио Пемов е роден и живее во Лиеж, Белгија, но има потекло од Кавадарци, Македонија. Тој е веројатно најуспешниот возач на картинг во светот со македонско потекло. Неговиот успех на Светското првенство е и македонска гордост. Годинава победи на Светскиот шампионат во РКЦ во Париз, кој се одржуваше од 6 до 8 јули, во категоријата јуниори. Настапи како претставник на Белгија, но тоа не го оспорува фактот дека покрај белгиското има и македонско државјанство. Неговото семејство вели дека на натпреварите освен белгиското, знаат да го развиорат и македонското знаме. Тој е син на кавадарчанецот Пере Пемов, кој пред повеќе години активно се занимаваше со мотоспорт.
- Бевме 19 пилоти (возачи на картинг-возила) од 12 различни нации во мојата категорија. Секако дека не беше лесно да се победи, особено затоа што не ја знаев патеката. Тренираме на тркачката патека еден ден пред големата трка околу еден час. Победата на оваа трка ми беше најголема цел, така што тоа ме направи навистина среќен. Често го вадиме македонското знаме на натпреварите, но јас возам како претставник на Белгија, а ги имам двете државјанства - вели Дарио.
Двапати белгиски првак и еднаш светски шампион
Досега има освоено многу награди, непобедлив е на картинг-терените. Во два наврати беше белгиски првак, а сега стана и светски. Му претстои блескава иднина.
- Овој спорт ми е страст и без него би ми било тешко, иако е рано да кажам што би сакал да бидам во иднина. Но, кон овој спорт сум наклонет со целото срце. За да возите картинг, потребна е голема издржливост, понекогаш натпреварите долго траат. Кога возиме, брзината е меѓу 65 и 95 километри на час. Нема реална опасност ако сте добро опремени - раскажува Дарио, кој не знае да зборува македонски, па во преводот ни помогна неговиот татко Пере, кој со право се гордее со синот.
Талентот го наследил од татко му
Пере е скромен и вели дека не може да му дава многу совети на синот зашто е понапреден од него, но и тој пред 15 до 18 години посветено се занимавал со мотоспорт. Јасно е од кого момчето ги наследило талентот и љубовта кон овој спорт иако желбата да се испроба во картингот дошла спонтано.
- Љубовта кон картингот му дојде спонтано кога еднаш се обиде пред шест години. Му го пренесов она малку што го правев во картинг. Веќе шест години се занимава со картинг, а четири години сериозно. Инаку, редовно училиште посетува во Серен - раскажува татко му.
Дедото на Дарио се преселил во Белгија уште во шеесеттите години на минатиот век, па постепено семејството таму сви гнездо. Но, никогаш не ги заборавија македонските корени.
- Доаѓаме во Македонија, јас почесто. Дарио поретко, сака за време на годишниот одмор да биде онаму каде што има писти за картинг. Мотоспортот е развиен во Белгија. Не е евтин спорт, потребни се финансии, но тука има доста писти на отворен и на затворен простор. Во Македонија, за жал, нема многу услови, не знам дали има шампионат. Знам дека во Скопје возилата се содикарт (бренд за врвни тркачки возила, со моќност од 11 коњски сили) - вели Пере.
Во Македонија само неколку града имаат картинг-центри. Во овој спорт учесниците управуваат со возило по специјална патека, најчесто во кружна форма. Картингот помага во развојот на здрава сообраќајна култура, го намалува нивото на стрес и ја одржува физиката кондиција.
Фото: приватна архива