Во Швајцарија клима-уредите не се секојдневна појава ниту во домовите ниту во деловните простории. Поголемиот дел од жителите се потпираат на природни начини на разладување: вентилатори, отворени прозорци поставени така што ќе дува провев, па дури и бегство во природа. Причините за ваквиот пристап лежат во комбинација од умерена клима, строги прописи за енергетска ефикасност и длабоко вкоренета државна политика за одржлив развој. Во некои кантони поставувањето клима-уред може да биде вистински предизвик со оглед на тоа што правилата се строги и насочени кон намалување на потрошувачката на енергија.
Швајцарија се наоѓа во зона со умерена клима, па летните температури ретко достигнуваат екстреми какви што се во медитеранските или континенталните делови на Европа. Дури и во потопли денови, вечерното разладување обично е доволно за да се освежи просторот без потреба од уреди. Покрај тоа, швајцарските домови и згради се проектирани така што задржуваат топлина во зима, а остануваат пријатно ладни во лето благодарение на дебелите ѕидови, соодветната ориентација и квалитетната изолација.
Во такви услови, граѓаните користат проверени пасивни методи: спуштање ролетни преку ден и проветрување навечер често се доволни за одржување пријатна температура. Во Швајцарија климата се смета за луксуз, а не за неопходност дури и кога температурите се високи, па ретко се слуша бучавата од климатизер во станбените згради.
Еколошката свест е закон
Во Швајцарија еколошката свест не е само збор, таа е преточена во закони и строго се применува. Оваа алпска држава е доследна во својата заложба за енергетска ефикасност и борба против климатските промени, што е видливо и во регулативите за климатизација.
Во многу кантони за поставување клима-уред се бара посебна дозвола, а понекогаш и конкретно образложение. На пример, во кантонот Женева, каде што важат едни од најстрогите прописи, за да се инсталира клима, мора да се приложи медицинска или функционална причина. Дури и тогаш, дозвола добиваат само оние системи што ги исполнуваат строгите стандарди за енергетска ефикасност и ниска емисија на штетни гасови.
Можеби најдлабокиот мотив зошто климите се реткост во Швајцарија се крие во менталитетот на жителите. Во земја каде што одржливоста е основа на секојдневниот живот, прекумерната потрошувачка на енергија се смета за општествено неодговорна. Разладувањето на просториите до нереално ниски температури се доживува како непотребен луксуз, спротивен на колективните вредности.
Поради тоа, најголем дел од луѓето се потпираат на природни начини за справување со жештината. Во време кога светот чувствува последици од климатските промени, ваквиот начин на живеење не само што ги штити ресурсите, туку и служи како пример за одржливо однесување.
Секако, тоа не значи дека нема клима-уреди во Швајцарија. Во урбаните средини и модерните деловни простории, сè повеќе компании користат енергетски ефикасни системи за разладување, особено кога топлотните бранови стануваат сè почеста појава. Болниците, хотелите и трговските центри се, разбирливо, климатизирани и таму климатизацијата е стандард, а не исклучок.
Но дури и кога има технички и правни можности за инсталирање, многу граѓани сепак избираат алтернативи, главно поради високите трошоци и сопствени уверувања. Така, Швајцарија докажува дека удобноста не мора да биде на сметка на природната средина и дека борбата со летната жештина не мора секогаш да вклучува компресори и фреон.
Затоа не изненадува што швајцарските медиуми се полни со совети за разладување без употреба на клима. Од друга страна, во нашите краишта, кога температурите ќе ја преминат границата од 35 степени, особено во згради со лоша изолација, клима-уредот останува единствено решение.
Извор:
6yka.com
Фото: