X
 13.08.2020 Економија

Важни информации за сите што користеле услуги на Еуростандард банка

Народна банка објави информации важни за клиентите Еуростандард банка, на која ѝ е укината дозволата за основање и работење и е исклучена од платниот промет во земјата и во странство.

Информации за физичките лица

-Нема да бидете во можност да ја користите вашата трансакциска сметка во банката.

-Ако покрај трансакциската сметка во Еуростандард банка АД Скопје имате трансакциска сметка и во друга банка, користете ја таа сметка за остварување на вашите приливи на парични средства, но претходно контактирате ја банката во која е сметката (преку е-пошта или преку телефонскиот контакт-центар), за да се информирате дали е потребно да ги ажурирате своите податоци.

-Доколку немате отворено трансакциска сметка во друга банка, потребно е да отворите нова трансакциска сметка во некоја од банките во земјата, по ваш избор.

-За непречено да остварувате приливи на парични средства, потребно е со писмен допис да ги известите институциите и лицата од кои очекувате идни приливи уплатите на паричните средства во иднина да ви ги исплаќаат на ваша трансакциска сметка во друга банка, и притоа треба да им го доставите бројот на трансакциската сметка и називот на банката во која таа е отворена.

-Вработените лица треба во најкраток рок да го известат својот работодавец, пред следната исплата на плата или други приходи што им ги исплаќа работодавецот.

-Пензионерите и корисниците на социјална помош, детска заштита и други видови социјална помош треба да ја известат банката преку која би сакале понатаму да им се вршат исплатите.

-Лицата што остварувале други приливи по која било основа преку сметка во Еуростандард банка АД Скопје (на пр., хонорари, закупнини, субвенции, стипендии итн.), треба да го известат исплатувачот на средствата во иднина уплатите да ги врши на трансакциската сметка во друга банка.



Информации за депозити

-Депозитите на физички лица (резиденти и нерезиденти) во Еуростандард банка АД Скопје се осигурени согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити. Осигурениот износ е до 30.000 евра по физичко лице – депонент. Обесштетувањето на овие лица ќе се врши со исплата на средства од страна на Фондот за осигурување на депозити (ФОД) и ќе започне во рок од 20 дена, согласно Законот.

-Предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизните приливи и сертификатите за депозити издадени од Еуростандард банка АД Скопје.

-За обесштетувањето, нема потреба од дополнително барање/пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица. Депозитите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во банката.

-Обесштетувањето се исплатува во денари, при што депозитите вложени во девизи се обесштетуваат според средниот курс на Народната банка на 12 август 2020 година, кога е донесено Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје.

-Пред започнување со исплата на обесштетувањето, ФОД преку соопштение до медиумите ќе ги извести депонентите-физички лица за: датумот на почеток на исплата на обесштетувањето на депозитите, за банката-исплатувач/банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.

-При обесштетување поединечните депозити на едно лице се сметаат за единствен депозит.

-Со обесштетувањето на депозитите се опфаќа и договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата заклучно со 12 август 2020 година, која не му била исплатена на депонентот-физичко лице.

-Депонентите-физички лица што имаат депозити во Еуростандард банка АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамките на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице. Своето право за целосно намирување до висина на вкупниот депозит (разликата меѓу вкупниот износ на депозитот и пресметаниот износ на обесштетување) ќе може да го остварат од стечајната маса на Еуростандард банка АД Скопје. За ова нема потреба од дополнително барање/пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица.

-Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот што се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите обврски кон банката.

Информации за кредитирање

-Начинот на измирување на обврските на физичките лица врз основа на кредитите, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, кој навремено ќе сподели информации со нив.

Фото: Архива

За граѓански сефови

-Физичките лица што користеле сеф во трезорот на Еуростандард банка АД Скопје, по отпочнување со работа на стечајниот управник ќе можат да ги подигнат своите предмети од вредност. Овие предмети се нивна сопственост и не може да бидат задржани во текот на стечајната постапка.

Информации за правните лица

-Нема да бидете во можност да ја користите вашата сметка во Банката.

-Ако имате сметка во друга банка, со цел непречено деловно работење потребно е да ја користите таа сметка. Претходно, потребно е да ја контактирате банката во која е отворена сметката (преку е-пошта или преку телефонскиот контакт-центар) за да се информирате дали е потребно да ги ажурирате вашите податоци.

-Доколку немате сметка во друга банка, потребно е да отворите сметка во некоја од останатите банки во земјата, по ваш избор.

-За непречено да остварувате парични приливи во иднина, препорачуваме сите правни и физички лица со кои имате деловна соработка писмено да ги известите за промената на сметката на правното лице, при што ќе ги наведете бројот на сметката и банката во која таа е отворена.

-Побарувањето по основа на своите депозити во Банката, депонентите-правни лица ќе може да го остварат од стечајната маса на Еуростандард банка АД Скопје, а се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката. Нема потреба да поднесувате посебно барање или да го пријавите своето побарување по основа на депозит од стечајната маса на Банката.

Други побарувања на средства од Еуростандард банка


Доверителите на Банката треба да ги пријават своите побарувања во рок кој ќе биде определен со решението на судот за отворање на стечајната постапка во Банката, а кој не може да биде подолг од 20 дена.
Потоа, овие доверители ќе треба своите побарувања да ги намират од стечајната маса на Банката во соодветна постапка.

-Начинот на измирување на обврските по основа на кредити, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, кој навремено треба да сподели информации со нив.

Инаку, Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека осигурителниот пазар останува стабилен и развојот на настаните околу банката нема да влијаат негативно врз ликвидноста и солвентноста врз работењето на осигурителните компании.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија