Пред 20 години „Нетфликс“ го промени начинот на кој гледаме телевизија. Наместо скапи кабловски пакети со стотици канали и однапред одредена програма, понуди едноставно решение, гледајте што сакате, кога сакате.
Но денес, токму компанијата што го урна моделот на кабловската телевизија разгледува потег кој изгледа потполно парадоксално: воведување постојани ТВ-канали, повеќе програма во живо и обединување на другите стриминг-сервиси на една платформа.
На прв поглед звучи како чекор назад. Во реалноста, „Нетфликс“ се обидува да го реши проблемот што самиот го создаде.
Премногу избор стана проблем
Една од најголемите предности на стримингот отсекогаш беше слободата на избор. Но токму тој избор почна да ги уморува корисниците.
Колку пати сте го отвориле „Нетфликс“, сте поминале десетина минути листајќи содржини, сте изгледале неколку трејлери и на крајот сте го изгаснале телевизорот бидејќи не сте можеле да одлучите што да гледате?
Психолозите овој феномен го нарекуваат „преоптовареност со избор“. Кога ни се понудени премногу опции, носењето одлука станува напорно, а задоволството од изборот опаѓа.
Кај кабловската телевизија тој проблем не постоеше. Ќе се вклучеше спортски, информативен или филмски канал и телевизорот со часови работеше во позадина, без размислување што е следно на програмата.
Враќање кон ТВ-каналите, но на начинот на „Нетфликс“
Според наводите на странските медиуми, „Нетфликс“ разгледува воведување канали што непрекинато би емитувале содржина, организирана по жанрови или теми.
Наместо корисникот секогаш да избира нов филм или серија, платформата автоматски би продолжила да пушта содржина, слично како што со децении го прават класичните ТВ-канали. Целта е едноставна - да се намали бројот на одлуки што корисникот мора да ги донесе.
Наводно, „Нетфликс“ разгледува уште една голема промена - обединување на други стриминг-сервиси на својата платформа. Тоа би значело дека корисниците не би морале да преминуваат од една апликација на друга за да ја најдат омилената серија или филм, туку различни сервиси би можеле да бидат достапни преку една претплата.
Иронијата е очигледна. Стримингот некогаш ветуваше крај за скапите кабловски пакети, а денес многу семејства плаќаат четири или пет различни сервиси и трошат исто, ако не и повеќе од порано. „Нетфликс“ сега се обидува токму тој проблем да го претвори во нова деловна можност.
За Волстрит оваа стратегија не е прашање на носталгија за телевизијата, туку на ангажираност на корисниците.
Борбата веќе не е само за нови претплатници, туку за тоа тие што подолго да останат на платформата. Колку повеќе време корисниците минуваат на „Нетфликс“, толку е поголема веројатноста дека нема да ја откажат претплатата. Поради тоа, компаниите како „Нетфликс“ и „Амазон“ последниве години многу инвестираа во спортски преноси во живо, стендап-специјали и други настани што ја привлекуваат публиката во реално време.
Постојаните ТВ-канали би можеле да станат уште еден начин корисниците едноставно да го остават „Нетфликс“ вклучен со часови, дури и кога активно не гледаат содржина.
Нова војна на стриминг-сервисите
Ако „Нетфликс“ навистина ја воведе оваа функција, конкурентите веројатно ќе мора да одговорат. Тоа би можело да доведе до интересен пресврт - компаниите што со години се обидуваа да побегнат од моделот на кабловската телевизија, сега би можеле да почнат да развиваат негова модерна верзија.
Парадоксот е речиси совршен: платформата што ја промени телевизијата можеби токму преку враќање кон некои стари навики ќе се обиде да ја освои нејзината следна фаза.
Бидејќи, како што се покажува, иновацијата не мора секогаш да значи измислување нешто потполно ново. Понекогаш е доволно да се земе стара идеја, да се прилагоди на новите навики и да се претстави на поинаков начин.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Unsplash