X
 13.10.2025 Живот

Средношколците од Долнени уште го чекаат бесплатниот превоз да ги однесе до училиштата во Прилеп, дел од нив втор месец не следат настава

Се ближи крајот на првото тромесечје од учебната година, а средношколците од Општина Долнени што учат во Прилеп сѐ уште се без организиран бесплатен училиштен превоз. Дел до учениците не одат на настава веќе втор месец, а други патуваат секојдневно на сопствен трошок.

За проблемот Факултети.мк известуваше и на 3 октомври, кога градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, рече дека за два дена проблемот ќе се реши. По две недели учениците уште се без превоз.

- Не можеме да сфатиме како е можно да се случува ова и никому во државата да не му е грижа. Секој ден сме бомбардирани со реклами од идните градоначалници и советници што ќе направат, а цела држава молчи за нашиот проблем. Децата ќе го пропуштат првото тромесечје, како ќе се вклопат во наставата? Наместо да учат, тие се нервираат и чекаат дали утре ќе имаат со што да одат на школо - велат родители на учениците.

Градоначалникот не ни одговори на телефонските повици и пораки со прашање кога децата ќе добијат превоз.

Од Општина Прилеп преку барање за слободен пристап до информации соопштија дека јавниот повик за превозник го објавиле на 27.6.2025 година, по истекувањето на рокот од 30 дена за пријавување на економски оператор, комисија направила избор. Но, одлуката од друг превозник била обжалена до Комисијата за жалби од јавни набавки (ДКЖЈН) која доставила одговор до Општината на 29 септември. Од Општината посочуваат дека соодветната комисија веднаш пристапила кон спроведување на решението.

Но, до денес превозот не е откочен.

Oд Општината велат дека на секој родител што ќе достави до училиштата соодветна документација за превоз на ученик трошокот ќе му биде платен.

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот