X
 13.11.2025 Живот

Газа еден месец по примирјето: домови срамнети со земја, сиромаштија и астрономски цени

Пред еден месец Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Газа. За Мона ел Харазин, тоа беше момент поради кој не можеше да ги запре солзите. Таа мислеше само на својот син Јазан, кој, како што вели, бил убиен во израелски воздушен напад во првите месеци од војната, на само 17 години.

- За време на војната немавме време за тагување. А кога војната заврши, болката повторно се врати - раскажува 36-годишната Мона, која пред војната работела во администрацијата на локалната електродистрибуција.

Таа вели дека веднаш се вратила во северниот дел на Појасот Газа, каде што го поминала поголемиот дел од животот. Оттаму побегнала само неколку недели пред стапувањето во сила на прекинот на огнот во октомври, поради жестоките воздушни напади. Ова не ѝ било прво бегство. Во јануари истата година пешачела од југот кон северот на Газа, кога стапил во сила претходниот прекин на огнот меѓу Хамас и Израел. Тогаш го носела телото на својот син, кое го извлекла од под урнатини каде што било затрупано речиси една година.

Кога пристигнала, се шокирала од глетката.


- Каде и да погледнев, сè беше празно, пусто. Сè беше покриено со урнатини. Како земјата да ги проголтала сите згради - вели Мона.

Нејзиниот кварт некогаш бил полн со високи станбени згради, но сега, вели таа, сè изгледа пусто и застрашувачки. Нејзиниот дом, во кој живеела 20 години, бил уништен уште во 2024 година. Сепак, Мона сака да остане во својот град.

Сега живее во трособен изнајмен стан, на десетина минути од нејзиниот поранешен дом. Тоа е еден од ретките станови што може да се изнајмат во градот, но е прескап. Единствениот начин да си го дозволи е да го дели со нејзината мајка, двете сестри и нивните семејства, но не знае колку долго ќе може да ја плаќа киријата.

Мона вели дека не добила никаква хуманитарна помош и дека цените се астрономски. Пред војната килограм банани чинел три шекели (околу 0,90 долари), а сега е околу 20 шекели (шест долари). Питата со леб што претходно чинела 7-8 шекели (2,5 долари) сега се продава за 60 шекели (18 долари). Некои производи, како јајца, воопшто не може да ги најде, а повеќето семејства сè уште готват на отворен оган бидејќи немаат гас.

Иако има прекин на огнот, луѓето во Газа не се чувствуваат ниту безбедно ниту сигурно.

- Сè уште слушаме пукање, ракети, бомбардирање... Многу се плашам - вели таа. Но, барем може да спие малку посмирено знаејќи дека нејзините двајца синови, 16-годишниот Мухамед и 12-годишниот Башар, се релативно безбедни. Сепак, иднината ѝ изгледа мрачна.

- Немаме иднина. Газа повеќе не постои. Само сакам еден ден да се вратам во мојот дом, да се истуширам во мојата бања, да спијам во мојот кревет, да се исчешлам пред моето огледало, да ставам парфем. Жалам по едноставните нешта што некогаш беа секојдневие - вели таа.

Додека повеќето жители на Газа велат дека не можат ни да помислат на нов почеток, 26-годишната новинарка Џумана сепак чувствува траги од нејзиниот поранешен живот. Нејзината зграда е меѓу ретките што не се срушени.

- Благодарна сум што станот не е сериозно оштетен, само прозорците се скршени, а кујната е делумно уништена - вели таа.

Џумана живее со сопругот и двете ќерки. Постарата, 6-годишната Тулин, конечно посетува приватни часови по долгата воена пауза, а помалата, 2-годишната Талија, е родена само неколку дена по нападот на Хамас врз Јужен Израел во октомври 2023 година.

Семејството се надевало дека оваа година ќе направат заедничка прослава за двете ќерки, но плановите пропаднале по смртта на нивен роднина во израелски напад кон крајот на октомври.

Според министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, кое го потврдија ОН и меѓународните организации, повеќе од 68.000 луѓе загинале од почетокот на војната.

Џумана се обидува да одржува некаква нормалност во животот на ќерките. Се радува што повторно може да им купи слатки, пица и „кока-кола“.

Но продавниците често се празни.

- Полиците се полнат само кога израелската војска ќе дозволи влез на стока. Ако граничните премини се затворат дури и два дена, сè исчезнува - објаснува таа.

Семејството сè уште може да си дозволи основни намирници, бидејќи и таа и сопругот работат, но повеќето жители немаат никакви приходи, а банките не функционираат.

- Ниту за нас ниту за нашите деца нема иднина во Газа. Се обидуваме да опстанеме, но ова не е нормален живот. За жал, ја планираме иднината надвор од Газа - вели таа.

Извор: BBC 
Фото: Instagram 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот