X
 14.05.2025 Живот

Книжарница во која се продава само една книга

Сигурно го знаете чувството кога ќе влезете во книжарница, а околу вас има еден куп книги. Сакате да ги прочитате сите, да ги купите сите, така што не можете да се одлучите. Но, во Токио постои книжарница каде што никогаш нема да се соочите со тој проблем затоа што таму се продава само една книга.

Станува збор за книжарницата „Мориока“. Книжарницата работи шест дена во неделата (од вторник до недела) и нуди само еден наслов. Секоја вечер во книжарницата се одржуваат книжевни средби на кои се разговара за книгата што е на продажба, со цел да се создаде врска меѓу авторот и читателите.

Овој уникатен концепт, една просторија - една книга, го смислил Јошијуки Мориока, кој претходно десет години водел поконвенционална книжарница. Во неа организирал средби меѓу писатели и читатели, што подоцна го инспирирало да создаде посебен простор каде целото внимание ќе биде посветено на една книга.

 
Според неговото искуство, фокусирањето на еден наслов овозможува подлабоко разбирање на содржината и создавање посилен однос меѓу книгата и читателот, што резултира со поголемо задоволство при читањето.

Идејата за книжарница со само една книга Мориока првпат ја претставил во 2014 година на работилница посветена на нови деловни модели. Неговата замисла наишла на огромен ентузијазам и од предавачите и од учесниците.

- Идејата за книжарница со една книга ја разоткрива одамна познатата вистина дека секоја книга вреди да се прочита - вели тој.

Секоја книга на секоја полица, без разлика дали е во книжарница или библиотека, заслужува внимание. И онаа што сакате да ја прочитате и онаа што не ви е прва опција. Единствениот услов е да ѝ посветите повеќе од еден момент.

Извор: Detinjarije.com.
Фото: Instagram/moriokashoten
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот