Македонската репрезентација оствари забележителен успех на Европското првенство во е-спорт 2025, кое се одржа од 9 до 13 јули во Приштина, Косово, со учество на 24 национални репрезентации во трите дисциплини: Dota 2, Counter-Strike 2 Open и Counter-Strike 2 Women, соопштија од Македонската е-спорт федерација.
Тимот го сочинуваа Ристе „Hate“ Нелоски, Дамјан „BELIEF“ Јордановски, Игор „Stojkov“ Стојков, Александар „zipzap“ Ивановски и Стефан „lobu“ Станојковски.
Оттаму додаваат дека најголемиот успех го постигна македонската Dota 2 репрезентација, која ја освои титулата европски шампион, триумфирајќи во големото финале против Белорусија со резултат 2:1. Нашите репрезентативци ја завршија групната фаза без пораз, обезбедувајќи сигурен пласман во полуфиналето. Во финалето уште еднаш ја потврдија својата доминација, носејќи го златниот медал во Македонија.
- Значаен настап забележа и македонската репрезентација во Counter-Strike 2, која во силна конкуренција успеа да се пласира меѓу топ-12 репрезентации на турнирот, завршувајќи на позиција 9-12 место. Овој пласман претставува дополнителна потврда за квалитетот и потенцијалот на македонските е-спорт играчи и нивната конкурентност на европската сцена - стои во соопштението.
Македонската е-спорт федерација им упати најискрени честитки на сите репрезентативци кои со својот труд, посветеност и спортски дух достојно ја претставија нашата земја на ова престижно натпреварување.
- Настапот на ова Европско првенство претставува важен чекор за понатамошниот развој и афирмација на е-спортот во Македонија - истакнуваат од федерацијата.
Фото: Македонска е-спорт федерација