X
 14.09.2018 Економија

Младите практично ќе се обучуваат преку платена работа, законски се регулира практиканството

Потребата за законско регулирање на практиканството произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативни планови, нагласи министерката за труд и социјала Мила Царовска

Можност младите да стекнат практично искуство во компаниите и за тоа да бидат платени, а тие, пак, да добијат кадар профилиран согласно нивните потреби, што ќе помогне за намалување на невработеноста кај овие лица - ќе овозможи законот за практиканство што го подготвува Владата, јави МИА.

Компаниите ќе може да ангажираат практиканти во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци на практикантите ќе им плаќаат до 5.000 денари, а од три до шест месеци - минимална плата. За целиот период не се плаќаат придонеси. Претставници на компаниите сметаат дека законското решение е добро и оти ќе им помогне истовремено и на младите за вработување и на компаниите да добијат соодветен кадар.

- Со овој закон сакаме да постигнеме, од една страна, младите да добијат сознанија за тоа кои се потребите на економијата и компаниите, а ним, пак, да им се даде шанса и можност таквите млади лица да ги профилираат согласно потребите на реалната економија - рече Анѓушев.

Додаде дека на ваков начин младите полесно ќе најдат работа, а компаниите што досега не ангажирале практиканти поради непостоење регулатива ќе добијат кадар соодветен на нивните потреби.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека практиканството и во европски и во светски рамки дава добри резултати, како и оти и во Македонија се покажало како добра мерка, но оти не била законски регулирана. Додаде дека првпат во Македонија се носи ваков закон.
- Од 2017 година, од 902 млади лица вклучени во оваа програма за практиканство заклучно со 30 јуни 2018 се вработиле 445 лица, или 50 отсто - рече Царовска.


Потребата за законско регулирање на практиканството произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативни планови, вели таа.
- Со законот се утврдува како се регулира практиканството. Компанијата треба да има ментор кој има обврска да потпише за што тоа лице е квалификувано по завршувањето на практиканството. Ако компанијата издвојува средства, таа вложува во него, па или ќе го задржи или ќе го подготви за пазарот на труд во друга компанија - рече Царовска.

Таа истакна дека пред да биде донесен законот, се размислувало дали како млади лица да се водат од 15 до 29 години, што е европска пракса, или границата да се подигне на 34 години, поради тоа што во Македонија е пролонгирана економската независност од примарното семејство.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци смета дека ова законско решение ќе придонесе за регулација на односите. Тој не смета дека плаќањето на предвидените средства ќе претставува дополнително оптоварување за компаниите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија