X
 14.12.2020 Живот

Комисијата за заразни болести со предлог рестораните да работат до 18 часот и да се забранат собири во станови

Комисијата за заразни болести ќе препорача до Владата нов пакет на рестриктивни мерки за периодот од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници, соопштија од Министерството за здравство.

- Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти, и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти - изјави министерот Венко Филипче.

Препораката ќе биде угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо во 21 часот како што беше досега. Останува во сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во претстојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид собири во периодот на празниците. Комисијата ќе достави и препорака за забрана за групирање во станови за претстојните празници, а ќе им препорача на хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.



Во однос на верските празници, според соопштението од Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека во сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите во сила е препораката максималниот број на лица да не е повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски. Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

- Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за претстојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба - порача министерот Филипче.

Препораките ќе бидат доставени до Владата во текот на денешниот ден со препорака да стапат во сила од 18 декември и да важат до 21 јануари, стои во соопштението.

На денешната седница на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Независната угостителска комора, кои го изразија несогласувањето со новиот пакет мерки што се однесува на реорганизација на работното време на угостителските објекти и доставија до Комисијата нивни предлози.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот