X
 21.04.2021 Здравје

Оперското пеење им помага на луѓето што прележале Ковид-19 подобро да дишат

Шиба е 43-годишна жителка на Велика Британија и работи во хуманитарна организација. Таа се сомнева дека прележала Ковид-19 иако тестот ѝ бил негативен бидејќи имала многу од симптомите, како губење на чувството за мирис и за вкус и тешкотии со дишењето. Шиба имала дел од симптомите една година подоцна и не е единствена.

Долгорочни симптоми на Ковид-19 може да бидат умор, анксиозност, болка во мускулите, главоболки, кашлица и тешко дишење, меѓу другото. Во обид да ги намали симптомите, Шиба открила пилот-програма наречена „ЕНО брид“, која се спроведува од Англиската национална опера и здравствена организација на Кралскиот колеџ.


Програмата била создадена од тим на лекари, терапевти и вокални тренери и е наменета за лица што прележале Ковид-19, но имаат долгорочни проблеми со дишењето и анксиозноста. Во рамките на програмата се користат вокални техники и вежби за дишење што ги користат оперските пејачи. Се одржуваат сесии долги еден час што се спроведуваат преку онлајн-платформа еднаш неделно. Програмата трае 6 недели и е бесплатна.

Пеењето, особено оперското, е условено од доброто дишење и ја вклучува дијафрагмата. Сара Елкин од „ЕНО брид“ објаснува дека луѓето со Ковид-19 најчесто дишат само со горниот дел од белите дробови или дишат премногу брзо. Програмата ги учи како да го забават дишењето и како да ја користат дијафрагмата за подобро да дишат.


Учесниците во програмата пеат, а најчесто се користат приспивни песни за деца бидејќи смируваат. Учесниците учат и за разни вежби за подобро дишење, како растегнување на вратот, дување меури во чаша вода со сламка итн.

Програмата е успешна, па организации низ светот ѝ пристапиле на „ЕНО брид“ за да создадат слични програми. Од досегашните сесии, 90% од учесниците во програмата забележале подобрување на дишењето, а 91% со анксиозноста по часовите. Од програмата планираат да вклучат 1.000 пациенти од над 30 клиники за долгорочно лекување од Ковид-19 во Велика Британија до наесен.

Автор: Џенифер Налевики
Извор: smithsonianmag.com
Фото: Принтскрин/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје