X
 07.02.2015 Образование

Постои ли потреба од укинување на изучувањето на ракописното пишување во училиштата?

Водечката европска земја (според ПИЗА студијата), Финска, целосно ќе го исфрли учењето на ракописното пишување во училиштата почнувајќи од учебната 2016/17 година. Имено, Финска тогаш во своите наставни програми целосно ја укинува обврската учениците задолжително да изучуваат ракописно пишување во училиштата. Досега практикуваниот начин на пишување учениците во оваа европска земја целосно ќе го заменат со компјутер. Учениците во оваа скандинавска земја ќе учат да пишуваат исклучиво на компјутер, таблет или лап-топ, и тоа единствено преку користење на тастатурата. Оваа финска идеја сериозно почнаа да ја разгледуваат и уште неколку земји во светот САД, Швајцарија и Германија.


 

Учениците во основните училишта во Република Македонија со децении учат да пишуваат ракописно. Сеедно дали се работи за кириличната азбука или станува збор за латиничната транскрипција на македонската азбука крајната цел на ракописното пишување е убаво оформеното поврзување на буквите. Неповрзаните печатни букви се сметаат за одлика на почетното читање и пишување затоа што го олеснуваат начинот на читање и пишување на буквите. Почнувајќи од второ одделение учениците во Република Македонија по правило учат да пишуваат и ракописни букви. На тој начин тие треба да научат брзо и течно да пишуваат така што ќе имаат соодветна подлога за подоцнежен развој на индивидуално ракописно пишување.

Ракописното пишување потекнува од средниот век благодарејќи на почетоците на масовното производство на хартијата, која целосно го заменува пергаментот, па на тој начин таа станува достапна за секого. Ракописното пишување не само тогаш, туку и денеска претставува најбрза и наједноставна варијанта на пишување. Со текот на времето ракописното пишување се усовршува и има претрпено големи промени. Се појавуваат специјални училишта во кои се изучува убаво пишување, но промените исто така се должат и на влијанието на дидактичарите, методичарите и на Министерствата за образование. Целта на овие промени е иста: поедноставување и забрзување на пишувањето кај учениците.

Пишување со помош на тастатура

Дури и денеска брзината со која еден ученик пишува се смета за значајна придобивка и компетенција. Упатените тврдат дека ракописното пишување игра значајна улога и во развивањето на моториката кај децата. Но во последно време дидактичарите и методичарите сосема оправдано ставаат поголем акцент на поедноставувањето на ракописното пишување затоа што дури и учениците кои имаат развиена моторика се подложени на голем напор додека пипшуваат текстови со ракописни букви. Се разбира постојат и други соодветни техники за сеопфатен развој на моториката кај децата. Можеби од тие причини претераното и доследно инсистирање на убаво оформеното ракописно пишување од страна на наставниците оправдано е критикувано. Имено, преминот од пишување печатни букви кон ракописни букви денеска може да го сметаме за несоодветен зашто ја губи смислата што ја имал во минатото. Тој што пишува брзо може и со помош на тастатура многу полесно да пишува и да постигне поголем ефект, односно успешно да пишува, меморира и праќа дигитални текстови. Впрочем во државните училишта во Република Македонија примената на ИКТ во наставата претставува обврска, односно компјутерската писменост е задолжителна и е интегрирана во наставните планови и програми. Согласно наставните планови и програми времето што еден ученик задолжително го поминува пред електронски уред изнесува најмалку 300 часа годишно!

Тоа значи дека пишувањето, односно познавањето на работата со компјутер претставува значајна компетенција во образовниот процес во многу земји. Впрочем ова го потврдува и Меѓународната студија за компјутерска и информатичка писменост кај учениците ICILS во која се вклучени повеќе европски земји, но не и Република Македонија. Тоа значи дека Република Македонија се` уште не е во можност да го следи ефектот од ИКТ-реформата во образовниот процес споредено со останатите европски земји. Само за споредба учениците во високо развиената Германија според оваа компетентна студија (последната е извршена во 2013 година) се пласира некаде на средина на табелата.

Која е алтернативата?

Целосното откажување од ракописното пишување е бесмислица! Технологијата не смее да биде наставна цел сама по себе! Пишувањето претставува најважна подлога за учењето на читањето. Се разбира дека пишувањето со помош на тастатура, односно на електронски уред, иако е значаен дел од секојдневието сепак не е присутно во секоја секојдневна ситуација. Затоа посоодветна алтернатива би била поедноставувањето на ракописното пишување во училиштата и поголема толеранција кон учениците кои немаат убав ракопис. Во повеќе од сто училишта во одделни европски земји како што се Германија и Швајцарија од 2011 година се тестираат начините за пофлексибилно ракописно пишување. Малку е веројатно дека Република Македонија слично на Швајцарија и САД ќе го следи примерот на Финска и покрај тоа што во овој контекст значајно е да се наведе дека Владата на Република Македонија предвидува до крајот на 2015 да го реализира проектот „Таблет-компјутер за секое дете“ со кој е предвидено државните училишта да добијат донација од 300 000 таблети.

Стефан Симовски
(авторот е професор по германски јазик)

Подготвил: Стефан Симовски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование