X
 28.09.2015 Култура

Одбележани светскиот ден на институтите "Конфуциј" и Празникот на средината на есента

На 26 септември (сабота) кинескиот институт „Конфуциј“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаше чест да одржи манифестација во чест на одбележување на денот на институтите „Конфуциј“, националниот ден на НР Кина и Празникот на средината на есента. По овој повод, на платото пред Националната универзитетска библиотека во Скопје се одржа настан на кој присуствуваа амбасадорот на НР Кина во Македонија, директорот на институтот „Конфуциј“ и ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.


На овој настан беше претставен начинот на традиционална подготовка на чај, се одржаа часови по почетен кинески јазик, натпревар по калиграфија и друго.

- Учењето на големиот учител Кунг Фу-Це, еден од најпознатите филозофи на сите времиња и по 25 векови е актуелно и неповторливо. Тоа што тој го вградил во филозофијата и етиката е безвремено. Во изминативе три години, институтот „Конфуциј“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје отвори ново поглавје во соработката помеѓу НР Кина и Р. Македонија и зближувањето на двата народи - изјави ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски.

Ректорот спомена дел од активностите на институтот од своето постоење, меѓу кои се отворените часови по кинески јазик, едукативните програми во основни и средни училишта, приватни компании итн.

На манифестацијата беше присутен и амбасадорот на НР Кина во Р. Македонија, Н.Е. Вен Џеншун.

- Кинескиот јазик е најдревен јазик во светот. Со најголем број говорители е службен јазик во Обединетите Нации - изјави амбасадорот.

Тој додаде дека институтот „Конфуциј“ одлично ја врши својата улога во промовирањето на кинескиот јазик и култура, кои стануваат сè попопуларни низ светот.

Инаку, од отворањето на првиот институт во Јужна Кореја основани се 495 институти „Конфуциј“ низ светот. Со тоа, вкупниот број ученици на кинескиот јазик изнесува над еден милион.

Институтот „Конфуциј“ во Скопје беше основан во декември, 2013 година.

Фотографии од настанот погледнете во галеријата.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура