X
 17.11.2015 Живот

Колку ќе ве чини полагањето на возачка дозвола?

Сите оние кои сакаат да полагаат возачки испит и да добијат возачка дозвола треба да издвојат околу 30.000 денари - ова е цената доколку положите на прво.

 

vozacka


Цената во автошколите во Битола е иста, а разликата од една до друга автошкола е квалитетот, типот на автомобили и начинот на подготовка за тестирањето.


Обуката во Битола изнесува 21.500 денари, а за полагање на полигон, градска и писмен испит е 6.600 денари. Доколку сакате да земете дополнителни часови тогаш треба да платите 600 денари, а времетраењето на часот изнесува 45 минути. Лекарското уверение е 1.600 денари, а првата помош 1.200 денари. И секако, цената од околу 30.000 денари е доколку положите на прво.


Доколку паднете на писмен испит, за полагање се плаќа 2.000 денари, а ако паднете на полигон или градска, тогаш плаќате 3.200 денари.

Голем број од младите Битолчани се жалат на комисиите кои, како што велат тие, често пати ги паѓаат за глупости, само повторно да ги платат тие 3.200 денари.

„Полагаме после вториот или третиот пат, најчесто положувањето зависи од расположението на комисијата“, вели една кандидатка.

„Положив на петтиот пат, секој пат комисијата ми  наоѓаше глупави забелешки“, вели друг кандидат кој положи после петтиот пат.

Иако воведено е снимање на возачкиот испит, кандидатите велат дека сепак тоа не ја намалува субјективноста на комисијата.

„Задевање, непрофесионалност, исмејување, бунење, и паѓање за минимални грешки. Причината поради која не положив првиот пат беше поради тоа што има многу дупки во Битола“, вели една кандидатка која полагаше пред 3 години. „Верувам дека сега работите одат кон полошо и покрај тоа што велат дека возачкиот испит ќе се снима. Нормално дека кандидатот ќе направи грешка, па вози минимум 25 до 45 минути побогу. Со оглед на неговиот страв и трема, сигурно ќе направи некоја почетничка грешка, која според мене не би требало да се земе во предвид доколку не го загрозува сообраќајот“, продолжува таа.

Дополнително на тоа, во Битола веќе две и пол години нема полигон за обука и полагање на кандидатите за практичниот дел од возачкиот испит.

Во 2013 година МВР ја одзеде лиценцата на сообраќајниот испитен центар, и со тоа го забрани и користењето на полигонот во Битола затоа што не ги исполнувал потребните стандарди.

Кандидатите мораат сами да си ги покријат трошоците за пат до Ресен или Прилеп при полагањето на возачкиот испит. Сето тоа предизвикува дополнителен револт кај Битолчани кои сметаат дека Битола, како еден од најголемите македонски градови мора да поседува полигон соодветен за обука.

„Тажно, срамно и апсурдно е што кандидатите за возачки испит треба да одат во Ресен или Прилеп за да вежбаат за испитот. Надлежните веднаш треба да го решат овој проблем, затоа што Битола не е мал град“, вели еден Битолчанец.

Што се однесува до ситуацијата во Скопје, жалбите на скопјани се слични - намерно паѓање за дополнителни давачки, трик-прашања и барања за време на практичниот испит, но и големи гужви за време на испитните денови поради што се чека со часови за да се полага.

Цените за лекарско уверение, прва помош и пробен испит се движат околу 1.200, 1.250 и 1.200 денари, соодветно, доколку се полага преку авто-школите, во случај кога тие го нудат тоа. Цените за обука во скопските авто-школи се движат од 14.500 до 18.100, во зависност од авто-школата и автомобилот кој се користи.  

Обуката за возачка дозвола во Куманово ги чини кумановци приближно 20.000 денари. 

Во Тетово, цената е малку пониска, односно просечно 18.000 денари за полнолетни лица. За малолетни лица цената е пониска во некои авто-школи.

Обуката за возачка дозвола во Прилеп, пак, изнесува се движи од 16.000 денари нагоре.

Цените за полагање на полигон, градска и писмен испит секаде изнесуваат 6.600 денари. 

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот