X
 23.09.2018 Култура

Во полн сјај започна 39-то издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Со перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ во Центарот на културата во Битола вчера официјално започна 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот го означи за отворен актерката Јелена Јованова која заедно со балерината Ивана Коцева и пијанистката Дуња Иванова успешно ја доловија филмската магија.

На свеченото отворање наградата златна „Камера 300“ за животно дело му беше доделена на британскиот кинематографер, оскаровето Роџер Дикинс. Дикинс се заблагодари за наградата, која му ја даде директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.

1

-Можеби ќе звучи како клише, но морам да кажам дека овде се чувствувам како да сум на погрешната страна од камерата, повеќе би сакал да сум зад камерата.  Многу ми е драго што сум дел од оваа историја, затоа што познавам многу луѓе, мои пријатели кинематографери што биле тука и конечно и јас усепав да дојдам на овој фестивал - рече Дикинс.

Наградата златна „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност ѝ беше доделена на филмската дива Клаудија Кадинале.

-Му благодарам на фестивалот што ми ја додели оваа награда - изјави Кардинале. Актерката со 150 улоги зад себе играше во некои од најпознатите остварувања во историјата на филмот, а интернационалната слава и ја донесоа филмовите „Пинк Пантер“, „Беше еднаш во Америка“, „Девојката со куферот“ и други.

2

Со многу емоции и аплаузи на бината беше испратена и македонската актерка Милица Стојанова, која ја доби наградата Големата ѕвезда што ја доделува Друштвото на филсмките работници.

-Му благодарам на Друштвото на филмските работници што го согледа мојот труд пред камерата и сега сум лауреат на оваа престижна награда, која многу ми значи. Им благодарам на сите наши филмски и телевизиски режисери кои ми овозможија да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите - изјави Стојанова.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, рече дека не е лесно да се биде начело на „Браќа Манаки“, но фестивалот е резултат на сето она што се создавало во изминатите 39 години.

3

-Велат дека филмот треба да им припаѓа на сите, а знаењето ќе го спаси светот. До ова 39-то издание нѐ доведе нечие знаење, а ние од 39-то издание па натаму, ќе го направиме уште поголемо тоа знаење, за да го спасиме светот од сето она што не ни се допаѓа, што не е добро - рече директорката Гена Теодосиевска.

По доделување на наградите беше прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, филмот  „Истребувач 2049“.

39-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува под слоганот „Симнуваме капа“, а во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани 95 филма. За трите награди, златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филма во официјална конкуренција, по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре.

Фестивалот ќе заврши  на 29 септември  со доделување на наградите од главната програма, а одлуката ќе ја донесе петчелно меѓународно жири, предводено од  кинематограферката од Грција, Олимпија Митилинау. Фестивалотт ќе се затвори сопроекцијата на филмот „Црниот Кју-кју клановец“ во режија на Спајк Ли и со краткиот филм „Скаут“ на Алекс Цветков, режисер од македонско потекло кој живее во САД.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура