X
 25.12.2015 Образование

Големо ниво на депресија кај доктори на специјализација

Според студијата објавена во „Journal of the American Medical Аssociation“ на 8 декември, скоро една третина од докторите специјализанти ширум светот имаат клиничка депресија или некој од симптомите на депресија. Тоа е значително повеќе од општата популација, како и од студенти по медицина и доктори специјалисти.


Прв автор на студијата е д-р Даглас Мата од болницата „Brigham and Women’s“ и Медицинскиот факултет при „Харвард“ во Бостон. Д-р Мата и колегите анализирале податоци од 54 порано објавени студии во кои е направен скрининг за депресија кај 17.560 доктори специјализанти. Студиите што се земени за анализа се објавени ширум светот во последните 50 години, во научни медицински списанија со рецензии. Две третини од анализираните студии се од Северна Америка (САД и Канада).

Д-р Мата и колегите откриле дека процентот на специјализанти со знаци на депресија се движи од 21 до 43%, со средна вредност од 29%. Во посебна анализа на 5.425 специјализанти што биле подложни на подетални прашалници тие откриле дека 20% од специјализантите имаат знаци на силна депресија. Д-р Мата и колегите откриле дека нема значајна разлика во процентите на специјализанти со депресија помеѓу машки и женски, нема разлика помеѓу специјализанти од различни специјалности и нема разлика помеѓу специјализанти од различни географски локации ширум светот.

Исто така, тие откриле дека процентот на специјализанти со депресија лесно се зголемува во поновите студии, околу 0,5% годишно. Авторите на студијата заклучиле дека е потребно понатамошно истражување за да се индетификуваат ефективни стратегии за превенција и третман на депресија помеѓу специјализантите.

Инаку, д-р Мата, кој и самиот е специјализант по патологија, пател од депресија во првата година од специјализацијата, година што мнозинството од докторите ја смета за најисцрпувачката и најстресна во медицинската едукација. Личното искуство го поттикнало д-р Мата да ја спроведе студијата. Во интервју за објавувањето на студијата тој сликовито опишува во каква ситуација се наоѓаат специјализантите:

„Како специјализант ти никогаш не излегуваш од болница, немаш време да основaш фамилиjа , дури немаш време да отидеш до продавница за храна“.

Тој потенцира дека е јавна тајна дeка депресијата и чувството на прегореност се раширени помеѓу специјализантите.


Во едиторијал во истиот број на списанието, деканот на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Невада, д-р Томас Швенк, напиша дека се работи за голем проблем, дека процентот на специјализанти со депресија е неприфатливо висок. Тој предупреди на можноста да се има приватни и професионални последици поради тоа.

Д-р Швенк предложува 3 мерки за решавање на проблемот. Прво, пружање на повеќе и поквалитетна ментална здравствена помош за специјализантите со депресија. Второ, намалување на бројот на часови поминати во болничка средина. И трето, да се мисли на фундаментални промени во системот на едукацијата на специјализантите.

Во последните 10 години системите за специјализирање веќе се сменети ширум светот. Бројот на работните часови на специјализантите е ограничен на 80 часови неделно во САД и 48 во Европската унија. Сепак, специјализантите често работат повеќе, а дополнително време трошат секојдневно за учење и научно истражување. Поради тоа термините како ненаспан, прегорен и преморен сè уште се поврзуваат со специјализантите, а процентот на специјализанти со депресија и натаму се зголемува.

Во наредниот период може да се очекуваат понатамошни промени во системот на специјализирање затоа што депресијата и премореноста не се опасни само за самите специјализанти туку работата на депресивните и преморени специјализанти може да води и кон пониско ниво во медицинската услуга и поголем број на грешки во работата со пациентите, како што предупредува д-р Швенк.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование