X
 15.03.2024 Живот

„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“

Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска во издание на „Три“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2023 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредност „Славко Јаневски“.

-Симболичен е насловот, меѓутоа, и многу важен за сите нас. Сите ние имаме единствен матичен број. Тоа значи дека постоиме на некој начин. Но прашањето што јас го поставувам во романот и што секој од нас треба да го постави е дали навистина постоиме, дури и тогаш кога имаме единствен матичен број, а на тоа прашање секој треба да си одговори посебно, индивидуално и можеби само во тишината на своето срце - рече на денешната прес-конференција писателката Лидија Димковска.

Таа потенцираше дека станува збор за нејзин четврти роман во кој има вложено многу труд, време, но и многу истражување и посочи дека е нејзиниот најсериозен роман досега. Романот, како што рече, е апсолутно фикција, која црпи од документаристиката.

Како што појасни, се работи за психолошки роман, кој говори за дисфункционално семејство кое што живее во Скопје, за еден брак меѓу Македонка и Грк од Кипар. Исто така, посегнува и по некои политички прашања.

-Романот носи навистина тешка тема, повеќе теми кои нѐ засегаат сите нас. Јас сѐ уште пишувам за македонската стварност бидејќи сега ја имам потребната книжевна дистанца од Македонија. Од надвор можам да ја гледам Македонија, меѓутоа, и однатре, од душата, и тоа ми дава посебни услови за пишување за македонското општество, за македонската реалност. Оваа книжевна дистанца ми е многу важна. Ми дава слобода, можам да напишам сѐ што ќе замислам - додаде Димковска.

За неа, најважно е кога при пишување роман си поставува и естетски, но и етички прашања.

-Важно ми беше да го напишам овој роман за да си поставам не само естетски, туку и етички прашања. За мене естетиката и етиката во книжевноста се многу важни. Да зборуваат нешто за нашиот актуелен свет меѓутоа не на некоја дневно политичка база туку овој роман и сите наградени, да зборуваат се уште за актуелни нешта. Пишувањето на романот „Единствен матичен број“ не беше лесна работа. Бев двапати на Кипар, соработував со Институтот за раздвоениот Кипар кој се наоѓа во Никозија. Најмногу соработував со уметникот Димитријадис - додаде Димковска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот