Нашите предци го делеле животот на денови, следејќи го природниот ритам на изгрејсонцето и зајдисонцето. Овој систем функционирал илјадници години, но во 20 век научниците дошле до важно откритие: Земјата всушност е лош „мерач на времето“.
Зошто? Се покажува дека ниту една ротација, ниту еден ден, не е со иста должина.
Постојат многу фактори што можат да влијаат врз ротацијата на Земјата, вклучувајќи ги и земјотресите. Земјотресот во Јапонија во 2011 година, кој ја предизвика нуклеарната несреќа во Фукушима, ја забрзал ротацијата на Земјата за 1,8 милионити дел од секунда.
Улога има и гравитацијата на Месечината. Таа се обидува „да ги задржи“ океаните, но Земјата продолжува да се врти под нив. Ова триење постепено ѝ одзема дел од ротациската енергија, поради што денот се продолжува за околу две илјадитинки од секунда (2 милисекунди) на век.
Иако долгорочниот тренд е забавување, постојат и краткорочни рекорди во спротивна насока. Така, на 29 јуни 2022 година беше забележан најкраткиот ден, пократок за 1,59 милисекунди од просекот, со што е надминат рекордот од 2020 година. Ова се припишува на промени во јадрото на Земјата.
Како мегаструктурите влијаат врз Земјата?
Научниците откриле дека и огромни градби создадени од човекот можат да влијаат врз ротацијата на планетата. Пример е браната „Три клисури“, висока 185 метри, на реката Јангце во кинеската провинција Хубеи. Таа е најголемата брана во светот, долга повеќе од 2.300 метри.
Нејзините бројки се импресивни: изградена е од 28 милиони кубни метри бетон и количина челик доволна за 63 Ајфелови кули. На неа работеле околу 40.000 луѓе во период од 17 години, а вкупна вредност е 37 милијарди долари. Браната може да задржи околу 40 милијарди кубни метри вода.
Уште во 2005 година д-р Бенџамин Фонг Чао, научник на НАСА, пресметал дека концентрацијата на толкава маса на едно место може да влијае врз ротацијата на Земјата.
Кога браната е полна, таа може да го продолжи денот за 0,06 микросекунди, односно 60 милијардити делови од секунда.
Исто така, се проценува дека може да ги помести половите на Земјата за околу два сантиметри, иако оваа вредност варира. Според германски научници, постојат сезонски промени во ротацијата поради варијации во нивото на водата.
Сè се сведува на поимот „момент на инерција“ - мерка за тоа колку едно тело се спротивставува на промена на движењето. Колку е поголема масата и колку е подалеку од центарот на ротација, толку е поголем отпорот.
Кога браната е полна, масата на водата се зголемува и е подалеку од оската на ротација, што го зголемува отпорот и (многу малку) ја забавува Земјата.
Иако ефектот од браната е мал, други човечки активности имаат уште поголемо влијание.
На пример, Аралското Езеро изгубило повеќе од три четвртини од својот волумен од 1960 година, што имало поголем ефект врз ротацијата од самата брана.
Исто така, топењето на мразот на Гренланд предизвикало поместување на оската на ротација кон Канада, со ефекти врз должината на денот што се десетпати поголеми од оние на браната.
Иако овие промени се исклучително мали, тие се важни за науката и технологијата.
За прецизно управување со сателити и вселенски мисии, научниците мора точно да ја знаат ротацијата на Земјата. Дури и најмалите отстапувања можат да влијаат врз патеките на вселенските летала.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Instagram