X
 15.10.2026 Живот

По 28 години и над 50.000 км поминати пеш, авантуристот Карл Бушби стигна во родниот град во Англија

Во ноември 1998 година, кога го напуштил крајниот југ на Чиле, Британецот Карл Бушби имал 29 години и план кој на многумина им изгледал лудо. Одлучил пеш да се врати во родниот град Хал во Англија, преминувајќи континенти, пустини, планини и замрзнати мориња. Верувал дека за тоа ќе му бидат потребни 12 години, но неговото патување траеше речиси три децении.

Карл Бушби денес има 57 години. Зад него се повеќе од 50.000 километри, 29 земји и безброј пречки кои во повеќе наврати се заканувале засекогаш да ја прекинат неговата авантура. Сепак, од првиот ден се држел до едно правило: нема да користи превозни средства за да напредува на својата маршрута.

Неговата необична експедиција, наречена „Голијат“, започнала на 1 ноември 1998 година во чилеанскиот град Пунта Аренас. Со само 500 долари во џебот и опрема сместена во посебно направена количка, која ја нарекол „Ѕвер“, тргнал кон север. Патот го водел преку Патагонија, пустината Атакама и многу други тешко проодни предели во Јужна и Централна Америка.

На својот пат се соочувал со екстремни временски услови, глад, исцрпеност и сериозни безбедносни ризици. Сепак, еден од најголемите предизвици го чекал многу посеверно, пишува „Гардијан“. Во 2006 година со авантуристот Димитри Кифер успеал да го премине Беринговиот Проток, помеѓу Алјаска и Русија, движејќи се преку опасни ледени површини. За време на тој потфат се соочил и со опасност од поларни мечки. Влезот во Русија му донел нови неволји. 

Руските власти го привеле, а подоцна бил депортиран, што дополнително го отежнало продолжувањето на патувањето. Државните граници, визите и политичките услови често биле исто толку големи пречки колку и природата. Бушби со години чекал дозволи, останувал без спонзори и пари, а одредени делови од експедицијата биле прекинати на подолг период. Светската финансиска криза, пандемијата на коронавирусот и меѓународните конфликти само го продолжиле патувањето кое првично требало да трае нешто повеќе од една деценија, пренесува „Данас“.



Посебен предизвик претставувало Каспиското Море, кое го препливал во 2024 година, заедно со уште тројца авантуристи. За преминување на приближно 300 километри им биле потребни 31 ден, со повеќе од 130 часа поминати во вода. Потоа продолжил низ Азербејџан, Грузија, Турција и европските земји, сè додека не стигнал до брегот на Франција.

Ниту последната голема пречка не била едноставна. Бидејќи не добил дозвола пеш да помине низ тунелот под Ла Манш, одлучил и таа водена пречка да ја совлада со пливање. На 5 октомври 2026 година конечно стигнал до британскиот брег, кај Довер. За преминување на Ла Манш му биле потребни приближно 20 часа пливање распоредени во текот на три дена. Првпат по речиси 28 години повторно стоел на британска почва.

Враќање дома по речиси три децении

Иако за време на патувањето поминал низ неверојатни авантури, Бушби признава дека за својот животен потфат платил и висока лична цена. Додека го обиколувал светот, неговиот син Адам пораснал. Денес има 36 години, а Бушби во меѓувреме станал и дедо. Својата дванаесетгодишна внука сè уште ја нема запознаено. Годините поминати далеку од семејството и пријателите ги промениле неговите односи со најблиските. 

Извор: nova
Фото: принтскрин/јутјуб

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот