Новинската агенција „Ројтерс“ сними кадри од главниот град на една од најзатворените држави во светот - Еритреја, а токму овие кадри нудат редок увид во секојдневниот живот на жителите на оваа африканска земја.
На видеото може да се види како жителите пешачат и возат велосипеди по мирните улици, се собираат пред црквите и продавниците и се движат низ градот познат по својата препознатлива архитектура.
Еритреја стекна независност од Етиопија во 1993 година по повеќедецениска борба која и понатаму е клучна за идентитетот на земјата. Владата тврди дека националната безбедност и потпирањето на сопствените сили помогнале во обликувањето на нејзината политика, додека критичарите веќе долго време ја опишуваат како една од најизолираните држави во светот.
„Ројтерс“ известува дека од стекнувањето на независноста не се одржани никакви национални избори, а независните медиуми се затворени во 2001 година.
Оваа држава неодамна го привлече меѓународното внимание во услови на тензии со соседна Етиопија и поради нејзината стратешка положба по должината на Црвеното Море. „Ројтерс“ извести за растечката загриженост меѓу регионалните набљудувачи поради односите меѓу двете земји, кои водеа војна меѓу 1998 и 2000 година и чие меѓусебно партнерство периодично се влошуваше во последните години.
И покрај малиот број на жители, околу 5 милиони луѓе (според податоците од 2019 година), Еритреја доби поголемо геополитичко значење поради својот брег на Црвеното Море, долг околу 1.000 километри, кој се протега по една од најфреквентните светски бродски маршрути.
Во ваква ситуација, сцените од Асмара нудат редок увид во внатрешноста на земјата, која главно остана затворена.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube