Ново истражување од Германија го доведува во прашање најпопуларниот тренд во исхраната - интермитентното (временски ограничено) постење. Според резултатите од истражувањето „Хронофаст“, објавено во „Сајнс транслејшнл медисин“, ограничувањето на времето на оброците не доведува до значајни подобрувања во метаболизмот или здравјето на срцето доколку не се намали вкупниот внес на калории.
Временски ограничено постење (TRE) подразбира консумирање на сите дневни оброци во период од 10 часа или помалку, по што следува најмалку 14 часа пост. Овој модел се смета за едноставен начин за управување со телесната тежина и здравјето на метаболизмот. Истражувањата кај животни покажале заштита од дебелина и метаболни проблеми, додека некои човечки истражувања сугерирале подобрена инсулинска чувствителност, намалување на шеќерот и липидите во крвта, како и умерено намалување на телесната тежина и маснотии.
Истражувањето вклучило 31 жена со прекумерна тежина или дебелина. Секоја учесничка ја консумирала својата вообичаена исхрана или рано (8:00 - 16:00, eTRE), или подоцна (13:00 - 21:00), но со ист број на калории и нутритиенти.
Истражувачите го следеле нивото на глукоза во крвта, метаболизмот на масти, инсулинската чувствителност и други метаболни показатели, користејќи тест за орална толеранција на глукоза, континуирано мерење на глукоза и контролирана физичка активност.
Времето на оброците имало ефект врз времето на спиење
И покрај тоа што временскиот распоред на оброците го променил (внатрешниот) биолошки ритам на крвните клетки, немало клинички значајни промени во инсулинската чувствителност, шеќерот и липидите во крвта или маркерите на воспаление.
- Нашите резултати покажуваат дека здравствените придобивки што беа забележани во претходни истражувања веројатно произлегувале од ненамерно намалување на калориите, а не од самото кратко време на јадење - објаснува проф. Олга Рамич, која го водела истражувањето.
Иако метаболните показатели не се подобриле, времето на оброците имало ефект врз времето на спиење, па учесничките ја одложиле фазата на својот внатрешен часовник за просечно 40 минути и подоцна оделе на спиење и подоцна се буделе.
За оние што се грижат за својата тежина или метаболното здравје, најважна е контролата на калориите, а не само времето на оброците. Идните истражувања треба да покажат дали комбинацијата на ограничено време + намалениот внес на калории може да донесе дополнителни придобивки, како и влијанието на индивидуални фактори како хронотип или генетика.
Извор:
Scitechdaily.com
Фото: Freepik