Порталот „Bored panda“ објави прекрасна приказна за една ќерка која одлучила да ги изненади своите родители за 30-годишнината на нивниот брак. Татјана од Русија изработила и им подарила книга од пластелин инспирирана од сите нејзини сеќавања од детството.
„Како подарок за годишнината на бракот на своите родители им напишав и илустрирав книга базирана на вистински сеќавања од моето детство. Ми требаше многу време да ја довршам затоа што никогаш не сум пишувала нешто слично, но и затоа одлучив илустрациите за книгата да ги направам од пластелин. Книгата во оригинал е напишана на руски јазик, но ја преведов на англиски за да ја споделам со сите“, напишала Татјана.
Прво поглавје
„Мојата мајка сака да разговара на телефон. Дури и мојот татко го запознала преку телефон, а толку многу разговарале што мојот татко едноставно одлучил да ја ожени и така да ги намали трошоците за повиците. И така започнале заеднички живот. Мојата мајка и денес многу разговара на телефон, а бидејќи сите многу ја сакаат не може да престанат да разговараат до неа, но таа веќе не е слободна за влез во брак.“
Второ поглавје
„Не се сеќавам точно како завршив со родителите, но знам дека некогаш сум била поинаква. Кога сум била мала сум имала цуцла. Еднаш татко ми одлучил да ме измами и ја земал цуцлата за себе. Ми рекол дека птиците кои живеат во нашиот двор имаат потреба од цуцлата, па ми ја земал. Но јас сум го сфатила неговиот трик и сум одлучила да им ја дадам цуцлата на птиците веднаш наместо после како што сакал тато. Тато ме однел до прозорецот и цуцлата сме ја фрлиле на птиците во дворот. И така сум го надмудрила тато.“
Трето поглавје
„Како што веќе реков, не знам многу за тоа откаде сум дошла и на своите родители не можам да им верувам кога се работи за тие информации. Но затоа добро се сеќавам кога и како се појави мојот брат Саша. Се појави напролет, недолго по роденденот на тато. Првиот пат го видов кога мама ми го покажа низ стакло во породилиштето. Тато не обрнуваше премногу внимание на мене и се сомневам дека се сеќава на тој ден. Дури ни јас тогаш не сфаќав колку сум среќна.“
Четврто поглавје
„Во собата која се наоѓа во близина на спалната соба имавме баба рога. Кога легнувавме во кревет, таа се облекуваше во облеката на мама и одеше под креветот. Баба рога може некогаш да те гризне за пета или прст ако ногата ти е откриена кога спиеш. Но ние бевме двајца, а таа беше само една, поради што се плашеше да ни се приближи. Тогаш сфатив колку сум среќна што имам брат.“
Петто поглавје
„Мама работеше многу, но навечер секогаш стигнуваше да ни прочита некоја бајка, дури и кога беше многу уморна. Понекогаш заспиваше, но потоа повторно продолжуваше да ни зборува за тоа како малиот зајко тргнал во канцеларијата да ги исполни документите, а по пат го сретнал волкот и му ги вратил долговите, па во полиција морал да даде изјава за тоа како лисицата се извлекла додека доларот продолжил да станува посилен. Авантурите на малиот зајко секој ден беа различни!“
Шесто поглавје
„За викендите, мама составуваше листа од работи кои мора да ги купиме, па јас и татко одевме во продавница по нив. Ништо не ми е подобро од долгите редови полици на кои се продава сè и сешто. Така станав шопингхоличарка: а денес, секогаш кога патувам во некој нов град, првото нешто што го правам е посета на продавница. Воглавно, јас го засакав шопингот, но тој ужасно го заморуваше тато.“
Седмо поглавје
„Затоа секогаш на враќање дома одевме во некој ресторан за да одмориме и да го прославиме успешното пазарење: заслуживме! Јас секогаш порачував сладолед, а тато порачуваше секакви јадења и пиење и супер се забавувавме. На мама тоа не и се допаѓаше. Некогаш и неа ја носевме на пазарење, но тогаш не нè пушташе да одиме во ресторан, па затоа секогаш се трудевме да одиме без неа.“
Осмо поглавје
„Возрасните сакаат да кажат дека најважно е да се биде здрав, но секое дете знае дека е супер кога си болен. Можеш да останеш дома, да гледаш телевизија колку сакаш и никој не те одбива кога им велиш да ти донесат шолја чај, да ги отворат џем, да ти прочитаат книга или со тебе да играат, иако пред тоа си бил буден цела ноќ. Единствено нешто што не можеш е да одиш надвор, но сè останато е супер, поради што тие неколку дена поминати внатре се совршени.“
Деветто поглавје
„И тогаш, откако неколку дена си внатре и откако ќе оздравиш, пак сакаш да излезеш надвор. Посебно ако имаш куче - кучињата сè прават да е подобро! Да не беше Дуси, моето куче, никогаш не би ми паднало на ум да излезам кога е студено и не би имала причина да ја засакам зимата. Но кога ќе видите колку снегот може да ги усреќи кучињата и вие мора да го засакате барем малку, а понекогаш може и да се тркалате во него. А потоа кучето одлучува дека му е доста и ве носи дома.“
Десетто поглавје
„Кога се враќавме од прошетка, мама ме учеше да готвам. Ми покажуваше како се подготвуваат разни јадења, а најчесто правевме кнедли. И денес би можела да гледам како мама ги прави. Знам дека тоа секој би го рекол за својата мајка, но јас, откако навистина посетив многу места, можам со сигурност да кажам дека никој не ги прави така добро како неа. Всушност, можеби тато би можел доколку одлучи дека тоа го сака.“
Единаесетто поглавје
„Што да кажам за морето? Мислам дека секој го сака морето. Дури и оние кои не поднесуваат сонце и не знаат да пливаат (тоа е мојата мајка). Па дури и оние кои се ужасно уморни од работа и немаат време за забава (тоа е мојот татко) и оние кои го виделе само еднаш во животот (тоа сум јас) или оние кои биле премали за да се сеќаваат (тоа е мојот брат). Не постои ништо подобро од морето, освен можеби небото и авионите, но велат дека и таму горе се зборува само за морето.“
Дванаесетто поглавје
„Кога веќе ги споменав авионите - кога бев мала, брат ми и јас сакавме да одиме на аеродром, кадешто работеше нашиот дедо. Таму авионите и аеродромот ни изгледаа огромни. Многу поголеми отколку сега. Но, да бидам искрена, мислам дека Земјата е тоа што се намалува полека. Порано сè изгледаше далеку, а сега аеродромот во мојот роден град секогаш изгледа толку блиску. Понекогаш ми се чини дека можам да го видам и од другата страна на Земјата!“
Крај на приказната!