X
 02.06.2016 Интервјуа

Интервју со Елена Думова Јованоска, кандидат за ректор на УКИМ: Финансиска автономија-предуслов за целосна автономија

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јованоска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули. Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите, а сите ќе одговараат на исти прашања. Ќе имате можност да ги прочитате и нивните програми за работа со кои се кандидираат за оваа функција.



Професорката Елена Думова Јованоска е редовен професор на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции. Таа беше и проректор за настава на УКИМ. Авторка е на многу научни трудови, публикации и книги.

Факултети.мк: Кои ќе Ви бидат приоритетите ако станете ректор на УКИМ?

- Ви ја доставувам мојата програма во која се издвоени приоритетите за УКИМ

ЛИНК до програмата на проф. Елена Думова Јованоска

Факултети.мк: Високото образование во последните петнаесеттина години доживеа многу промени, некои позитивни, некои негативни. Кои се според Вас најголемите грешки кои државата, но и Универзитетите ги направија во високото образование?

- Кога станува збор за државата можам да ги издвојам следните теми: Начинот на финансирање не обезбедува ниту елементарна стабилност, а да не зборуваме за одржлив развој. Многубројните „ад-хок“ измени кој пред сè навлегуваа во зоната на автономијата на универзитетите, но исто така претставуваа упади во основниот концепт на ЗВО од 2008 година. Работата на Одборот за акредитација, кој подоцна стана, и за евалуација не ги следеше основните начела и принципи на европските документи и тела кои ја уредуваат работатат на ваков вид национални институции.

Кога станува збор за Универзитетите: Не успеаја да изградат унисони ставови (на Ректорската и Интеруниверзитетската конференција) за најсуштетствените прашања од своето делување со што ја ослабеја својата позиција во комуникацијата со државата. Подлегнаа на притисоците кои произлегоа од масовизацијата на високото образование.

Факултети.мк: Еден од најголемите предизвици на нашиот високо образование беше воведувањето на Болоња. Што ни донесе овој систем?

- Несомнено е тешко во неколку реченици да се окарктеризираат резултатите од приклучувањето на нашата земја во Болоњскиот процес, но клучни впечатоци се: Не сите применети мерки правилно ги разбравме и сигурно не сите ги применивме соодветно. Затоа после големиот број на реформи сега би требало да следи период на анализа на состојбите пред да се превземат било какви нови чекори.

Леснотијата со која државата препораките од министерските конференции ги преточуваше во законски решенија без било каква дополнителна финансиска подршка за нивна имплементација не придонесоа за нивна правилна имплементација. Но сепак, ако како земја имаме аспирации да бидеме дел од Европската Унија тогаш приклучувањето на Болоњскиот процес како императив донесе промени кои несомнено не приближија кон тој простор. Сериозен број на мобилности на студентите, заеднички програми со европските универзитети сведочат за тоа. Нови пристапи во организацијата на институциите, концептот за обезбедување квалитет, различни нови форми на меѓународна соработка преку европските фондови и редица други елементи .....

Факултети.мк: Ако Ве изберат за ректор, што ќе превземете нешто во врска со хиперпродукцијата на магистри и доктори на наука?

- Зголемениот број на магистри и доктори на науки не може да се гледа издвоено од генералниот тренд на масовизација на високото образование и тоа не е само македонски, туку е светски тренд. Во плановите на Европската комисија целната бројка на доктори на науки за 2020 година се движи во милиони. На магистрите и докторите се гледа како на нови двигатели на развојот на индустријата, економија и општетвото во целост. Тоа на што треба да се работи интензивно се обезбедувањето на потребниот квалитет на студиите, а со тоа и на новите магистри и доктори на науки. Во тој поглед на национално ниво Одборот за акредитација и евалуација има клучна улога. На институционално ниво (универзитетите) неопходно е да поработат на своите политики за обезбедување квалитет. На европско ниво за тоа има изградено јасни политики, но и алатки. Лично сметам дека за земја како нашата учеството на академски кадар од престижни европски и светски универзитети во процедурите за оцена и одбрана на магистерски и докторски тези може на кратки патеки многу да придонесе. На долг рок неопходна е сериозна стратегија за организирање на научно-истражувачка работа и вклучување на магистрантите и докторантите во тие активности.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа