X
 06.06.2016 Економија

Македонците годишно трошат 97 милиони евра за цигари



Факултети.мк направи груба пресметка за тоа колку пари трошат нашите граѓани за цигари, според која дневно жителите на Македонија издвојуваат вкупно 266.000 евра за да пушат.

Македонците годишно трошат неверојатни 97 милиони евра за цигари, покажуваат грубите пресметки што ги направи Факултети.мк. Тоа значи дека секој ден граѓаните трошат вкупно 266.000 евра само за да купат цигари.

Многу е тешко да се направи точна пресметка за тоа колку пари трошат Македонците за овој порок бидејќи во земјава нема официјална статистика за точниот број пушачи.

Според Институтот за јавно здравје, за сите анализи кои се прават на оваа тема се користат податоците добиени од релевантни истражувања спроведени во странство и објавени во странски стручни трудови и публикации.

- За жал, кај нас не е спроведено истражување врз општата популација за бројот на пушачи, така што се потпираме врз податоците од странство. според информациите што се објавуваа во странски публикации, бројот на пушачи со години е ист, односно не е променет од 1986 година – објаснуваат од Институтот за јавно здравје. Според истражувањето што го спроведе американскиот Институт за метрика и евалуација на здравството, дури 37 отсто од населението во Македонија се пушачи, со што нашата земја е на врвот во Европа според бројноста. Тоа значи дека околу 740.000 граѓани од земјава пушат. Интерната статистика на Институтот за јавно здравје, пак, покажува дека во земјава годишно се пушат по 2.310 цигари по глава на жител. Односно, секој пушач годишно купува 115 кутии цигари. Доколку се земе просечна цена на кутија од 70 денари или 1,13 евра, тогаш излегува дека секој жител на Македонија годишно троши 131,08 евра за овој порок. Годишно, за купување цигари во земја се трошат 97 милиони евра или дневно околу 266.000 евра.

Иако процентуално според бројот на пушачи Македонија е на врвот, интересно е дека според бројот на испушени цигари по жител не сме лидери во регионот. Апсолутни рекордери се Србите кои годишно пушат по 2.861 цигара по жител, односно дневниот трошок за цигари во оваа земја изнесува 4,1 милион евра. Во другите земји од регионот, Словенците пушат 2.369 цигари годишно по жител, Босанците 2.278, а Хрватите 1.621 цигари годишно.

Британскиот „Телеграф“ пред неколку дена објави мапа според годишната потрошувачка на цигари во светот, каде што Македонија е во првите пет. Според мапата, на прво место се наоѓа Црна Гора, со 4.123 испушени цигари по глава на жител. Веднаш зад неа се Белорусија и Либан, а на четвртото место се наоѓа Македонија. Од петтото до десеттото место се рангирани Русија, Словенија, Белгија, Луксембург, Кина и Босна и Херцеговина.

Резултатите од неодамнешната анкета што ја спроведе Факултети.мк го докажа истото, односно дека нашите граѓани консумираат многу тутун. Според анкетата, во која учествуваа 500 испитаници, 53,2 % се изјаснија дека се активни пушачи, 31,9% дека се непушачи, додека 14,9% одговорија дека пушат само понекогаш.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија