X
 23.06.2016 Наука

НАСА потврди откривање на втора месечина во близина на Земјата

Минијатурна месечина ја следела Земјата речиси еден век, а научниците дури сега ја забележале. Станува збор за мал астероид кој кружел околу Земјата со години и веројатно ќе продолжи уште векови, според научниците. Иако астероидот е премногу далеку од нас за да биде нова месечина, НАСА вели дека е доволно стабилен во нашата орбита за да се смета како „полусателит“.


Астероидот е наречен 2016 HO3, според годината во која е откриен. Тој кружи и околу сонцето, но постојано ја придружува Земјата.

„Бидејќи 2016 НО3 кружи околу нашата планета, но никогаш не се оддалечува како што се движиме заедно со него околу сонцето, го сметаме за квази-сателит на Земјата“, вели Пол Чодас, менаџер на Центарот за тела во близина на Земјата при НАСА.

Според пресметките, овој астероид бил стабилен квази-сателит на Земјата речиси еден век и ќе продолжи да ја следи насоката на Земјата со векови.

Астероидот поминува околу половина од годината поблиску до сонцето отколку до нас, поминувајќи пред Земјата. Но, остатокот од времето заостанува. Сепак, кога астероидот оди премногу далеку, гравитацијата на Земјата е доволно силна за да го привлече повторно назад и затоа никогаш не се издвојува од орбитата на Земјата.

Оваа минијатурна месечина првпат била забележана на крајот од април од телескоп во Хаваи. Неговата големина не била потврдена, но веројатно е меѓу 40 и 100 метро, според НАСА.

Подготвил: Драгана Петрушевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука